Во САД продолжија судирите меѓу демонстрантите и полицијата, воведен полициски час во повеќе градови

Во голем број градови во САД е воведен полициски час, во обид да се смири бранот насилни протести што избувнаа поради смртта на Џорџ Флојд.
Протестите во многу области преминаа во насилство, со палење автомобили и објекти, а полицијата интервенираше со солзавец и гумени куршуми.
Шокантно видео стигна од Бруклин на кое може да се види како две полициски возила прегазуваат демонстранти, кои претходно сакале да ги нападнат.

Во најмалку 30 градови во САД се одржуваат демонстранции. Во Лос Анџелес полицијата пукаше со гумени куршуми за да ја разбие толпата што фрлаше шишиња и запали полициско возило.
Во Чикаго демонстрантите фрлаа камења врз полицајците, кои одговорија со солзавец, по што неколку луѓе се уапсени. Во Атланта во петокот беа оштетени и објекти, па во овој град се прогласени вонредна состојба и полициски час.
Во Минеаполис, во кој почина Флојд немаше толку големи насилства како во други градови, но таму покрај полицијата беа ангажирани уште околу 700 припадници на Националната гарда за да се спроведе полицискиот час и да се спречат насилства, што се покажа ефикасно.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста