Во Прилеп започна вработувањето на нови административци според Рамковниот договор ?!

     „Во Прилеп, тој што учи албански јазик, иако е многу мал процентот, може да добие право да учи Музичко училиште на албански јазик, да напише барање на албански јазик“, изјави во септември 2016-та година ЗОРАН ЗАЕВ.

    Четири и пол години по оваа изјава на Заев, учениците од прилепското основно Музичко училиште, засега можеби не започнаа да учат ноти на албански јазик, но затоа, во тек е постапката за вработување на нови административци според Рамковниот договор и тоа во градот во кој речиси и да нема Албанци. Според информациите до кои дојде Алфа, три лица од соседната општина Долнени ќе бидат вработени во прилепскиот Центар за социјални работи, а едно лице во ЈП за ПУП. Новите рамковни административци со работа требало да започнат за од прилика два месеци, ни потврди директорот на Центарот, Дејан Тошески.

  „Тие тројца се по Рамковен договор. Уште е постапката за усогласување на внатрешните акти во институцијава за да можеме да ги преземеме. Согласно роковите во упатствата кои што се дадени, 30 дена е рокот да почнеме ние да ја водиме постапката, 7 дена за Министретсвото за труд и социјала и 10 дена за Министерството за информатичко општество и администрација. Некаде околу два месеци“, – вели ДЕЈАН ТОШЕСКИ, директор на Центарот за социјални работи од Прилеп.   

    Прилепчани пак, главно скептични во врска со овие нови вработувања. Реагираат на и онака пренатрупаната администрација, а се плашат и дека новите вработени повторно ќе бидат од оние кои не одат на работа, а земаат плата.

   „Сето што се прави вака е штетно…Тоа е катастрофа за мене, апсолутно значи, администрацијата ја оштети државата, тоа не е еден, двајца, туку 50 насто, а можеби и фазла се и пак никаде не може да се заврши работа како што треба“, ни рече еден повозрасен прилепчанец.

  „Не е во ред ова…Би требало, ама нашава, прилепскава општина треба наши да си има, Македонци. Албанци немаме многу ние…Не е во ред, не одат на работа, а земаат пари, а имаме многу факултетлии деца не се вработени ич, а тие си земаат пари, не е иисправно ова ништо…“, објаснува друга прилепчанка.

    Инаку, и прилепската ЛС постојано има огласи за нови вработувања на административци. Последните се од завчера за вработување на пет нови државни службеници. Неодамна пак, дури бил вработен и еден брачен пар, сопругата пред еден месец, а деновиве и нејзиниот сопруг, и речиси во сите случаи, според нашите извори, се работело за вработувања по партиски клуч. За тоа колку во моментов брои административниот апарат во општина Прилеп, одговор побаравме од општинскиот ПР, на што до овие вести не ни беше одговорено.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста