Во Прилеп се одржа 20-тиот Семакедонски собир на Македонците од сите делови во светот

      „Тоа што е многу тажно е што борбата против оваа бугарска политика, а која е насочена против македонското малцинство и која што трае 60 години, се води исклучиво само од Македонците во Бугарија и што Република Македонија, наспроти својата уставна обврска да се грижи за своите малцинства, нема направено ништо значајно. Дури го нема и подигнато официјално прашањето за нашето малцинство“, тврди Македонецот Стојко Стојков од ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија. Според него, македонските власти сето тоа го правеле од наивна желба да избегнат конфликт со источниот сосед.

  „Политичарите во Македонија како да беа подготвени да го изостават и да го жртвуваат македонското малцинство во име на тоа некако да ги задоволат Бугарите. Политичарите во Македонија го гледаа македонското малцинство како што лисицата гледа на својата нога фатена во стапица, готова да ја прегризе и да ја остави во стапицата“, – објаснува Стојков.

    На денешниот традиционален, 20-ти по ред Семакедонски собир на Македонците од земјава и дијаспората, кој се одржа под мотото „Заветот на Гоце Делчев“, а во чест на 149-годишнината од раѓањето на овој македонски апостол, беше истакнато и тоа дека неотуѓиво национално и граѓанско право на секој народ, па и на македонскиот е по свое самонаоѓање да утврди која личност оставила и создала животни дела посветени на својот народ и е достојна да го слави како свој херој и деец. Во случајов, Гоце Делчев.

   „Тие историски личности не смеат и не можат да бидат дел од никакви договори , на никакви политички пазарења. Гоце Делчев е Македонец, бил и ќе остане. Сето другото е шпекулација и лага, друго ништо“, дециден е во својот став в.д. престедателот на Граѓанската иницијатива „Не’ ИМА“, Илија Богатиноски.

    Инаку, годинашниот Семакедонски собир, заради пандемијата, се одржа он-лајн, а на него учество зедоа Македонци од Австралија, Хрватска и од сите соседни земји, кои освен за Гоце Делчев, говореа и за проблемите со кои се соочуваат како македонски малцинства во земјите во кои живеат, пред се, како што рекоа, заради незаинтересираноста на македонските власти. На Собирот, чиј организатор е „Не’ ИМА“, традиционално беше донесена и Резолуција од усвоените 10 заклучоци.

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста