Во Прилеп починаа двајца млади нарко-зависници, метадон нема ни за лек

Агонијата на прилепските нарко-зависници кои се на метадонска терапија, продолжува. „Метадонот“ го нема ниту во Болницата, ниту во аптеките, а матичните лекари повеќе не го препишуваат. Згора на се’, во Прилеп нема ниту Центар за одвикнување од зависности. Најблискиот е во Битола. Очајната мајка на две деца нарко-зависници, која пред десетина дена,  овој проблем, ексклузивно го отвори пред камерата на Алфа, вели дека периодов ништо не се сменило, освен што во последниве неколку дена, починале двајца млади нарко-зависници од Прилеп, што ја прави уште позагрижена и поочајна.

Уништена, и емотивно и финансиски, оваа мајка, срамот и осудата од околината ги надживеала одамна, бидејќи како што вели, неиздржливо болен бил пеколот во кој секојдневно живее целото нејзино семејство.

Ацеска смета дека индолентниот однос на надлежните бил главната причина што нарко-зависниците кои решиле да се лекуваат, се враќаат повторно на улица, каде метадонот го набавуваат на црно и до десеткратно поскапо, употребувајќи го според лична проценка. Оттука, откако минатата недела, директорот на прилепската Болница, Драган Богоески, се прогласи за ненадлежен, таа има и апел до ресорниот министер Венко Филипче.

Инаку, уште во јули годинава, министерот Венко Филипче токму од Прилеп, најави отворање на дисперзирани Центри за одвикнување од зависности. Меѓутоа, барем засега, ништо од ветеното.

Каролина Дурло