Во Прилеп и во трите соседни општини: Кривогаштани, Крушево и Долнени, мирен изборен ден со неочекувано голема излезност

Со неочекувано голема излезност и со огромна свесност за своето граѓанско и уставно-загарантирано право, прилепчани денеска, уште од раните утрински часови го даваат својот глас за една од политичките опции која според нив можела најмногу да придонесе за понатамошниот развој на земјава. Велат дека не се плашат од Короната, бидејќи од една страна биле преземени сите заштитни мерки, а од друга – се работело за иднината на државата и немало простор за никакво одлагање.

Од прилепската ОИК велат дека во текот на денов не биле евидентирани никакви нарушувања ниту на изборниот процес, ниту на заштитните, здравствени протоколи за безбедно гласање.

Инаку, во текот на завчершниот и вчерашниот ден, своето гласачко право први го искористија лицата кои се заразени со Ковид 19 и оние кои се во изолација, како и лицата кои се сместени во Домот за стари лица, но и затворениците, притворените и болните и немоќните гласачи. И таму гласањето се одвивало без проблеми.

Според последните информции добиени од ИШ на една политичка партија, до 13 часот во Прилеп гласале 33 проценти од вкупно запишаните гласачи чиј број изнесува 64.004 граѓани.

Мирен изборен ден, евидентиран е и во трите соседни општини: Кривогаштани, Круешево и Долнени. И таму процентот на излезност е релативно голем, со исклучок на Долнени каде излезноста до пладне беше мала, односно под 5 проценти.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста