Во Прилеп ден на жалост по трагичната сообраќајна несреќа

Во Прилеп ден на жалост по трагичната сообраќајна несреќа

Патот на смртта одзеде уште три животи.Три децении не сме способни еден пат од 50 километри да го прошириме со уште две ленти и да го направиме автопат“, „Уште колку луѓе треба да загинат за конечно да ни стане јасно дека постоечкиот пат Прилеп-Битола станува опасно небезбеден за толкава фрекфенција на возила?!“, „Патот не е соодветно обележан, белата лента навечер не се ни гледа. Секој си вози како сака и со колку сака, вистински хорор“. Ова се само дел од реакциите на граѓаните по вчерашната ужасна сообраќајна несреќа во која при директен судар помеѓу патничко возило и камион, на лице место животот го загубија прилепчаните: радиологот примариус д-р Алекснадар Ристески, гинекологот д-р Никола Василески и радиолошкиот техничар Фанче Јованоска. Се’ уште шокираниот Прилеп денеска тагува, им оддава почит на своите почитувани сограѓани и пожртвувани здравствени работници. Знамињата се на половина копје, а откажани се и сите денешни активности.

    Дека овој патен правец е „црна сообраќајна точка“, јасно и’ e на новата власт, па оваа делница, а која е дел од Коридорот 10Д, е ставена во приоритетите и веќе од крајот на годинава тука ќе се интензивираат градежните работи, уверува министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

 „Во однос на другите предизвици со автопатите, тоа се Коридорите 8 и 10Д, без разлика што помпезно беа најавувани скоро и ништо да не се работело. Ние тоа го убрзуваме и очекуваме до крајот на годината  и таа работа да биде завршена. Исто така, има бројни проблеми со дислокација на водови, со дислокација на објекти и.т.н., но во соработка со изведувачите и овие ги решаваме и очекувам првата реална работа да ја видите до крајот на овој месец, ќе стартуваме со Прилеп-Битола, со конкретни активности на терен и изградба на автопат“, – изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски.  

  Инаку, вчерашната трагедија во која одеднаш загинаа дури тројца угледни здравствени работници од Прилеп, не е прва за прилепчани. Во месец февруари во 2002 година, во сообраќајна несреќа кај тунелот Катланово, службено патувајќи кон Скопје, животот го загубија: д-р Наташа Димкоска, д-р Љубен Рочески, д-р Цветко Паноски и д-р Стеван Ѓорѓијески, сите вработени во прилепската Служба за Итна помош.

 Од почетокот на годинава пак, токму на овој патен правец се случија најмалку три тешки сообраќајни несреќи со фатални последици по животите на дел од учесниците во сообраќајките.    

Каролина Дурло          

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста