Во Македонија се одбележува 24 мај – денот на сесловенските просветители Светите „Кирил и Методиј“

Наместо традиционално, со богата програма и настани, и оваа година 24 мај – денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј беше одбележан скромно. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, патрониот празник го одбележа без традиционалните чествувања.

  • Дел од чествувањата, наградувањето на најдобрите студенти, промовирањето на почесни звања и титули ќе се одржат, се надеваме во подобри времиња кои ќе се создадат по масовната имунизација на вработените на УКИМ и на населението во земјава, информираат од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

По повод празникот, цвеќе положија и високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и на други општествено-политички организации во државава.

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 мај, денот на сесловенските просветители.

  • Без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа, се вели во честитката на претседателот.

УКИМ е достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј, пишува премиерот Зоран Заев, кој упати писмо со честитки по повод празникот 24 мај до ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

  • УКИМ досега има создадено околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области. воедно овој наш престижен универзитет останува посветен на негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во македонија, вели премиерот.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните по повод големиот празник во која се вели дека ликот и делото на Светите браќа Кирил и Методиј е рамно на апостолско и затоа се прогласени за заштитници на европа, бидејќи со својата просветителска дејност и создавањето на глаголицата поттикнаа епохален цивилизациски процес.

  • Ширењето на словенската писменост и заштитата на словенската култура е придонес кој што сите словенски народи го почитуваат и пред што се поклонуваат. Ние сме особено горди, што токму оваа искра на прво словенско писмо и просветителство почнува тука од Македонија. Говорот на словените од Македонија беше темелот на кој се градеше целата словенска писменост која потоа преку моравската мисија ја раширија ширум словените во Европа. Имињата на Кирил и Методиј кај секој граѓанин во Македонија будат посебен пиетет, но и аманет дека не смееме да престанеме да веруваме и да се бориме под ова небо“ се вели во честитката од лидерот на опозицијата.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста