Во Македонија има недостиг од соодветни центри за згрижување на возрасни лица со попречености

Во Македонија има недостиг од соодветни центри за згрижување на возрасни лица со попречености

    „Да се биде родител на дете со попреченост во развојот, не е само тежок животен предизвик, туку е и доживотна жртва. 24 часа дневно се’ ни е подредено на нивните потреби кои, за жал, не се обични потреби. А тоа премногу исцрпува. И физички, и психички“, – вели Гордана Божиноска, мајка на 27-годишен син со умерена попреченост.

   „Недостигаат многу работи. Кој не знае, не може ни да се соживее со тоа. Значи, 24 часа децата мора да бидат под надзор. За на работа – мораш да одиш, или само ноќна, како во мојот случај, затоа што нигде нема услов да одиш на скратено работно време..Никој не прифаќа така“, – посочува Гордана Божиноска, мајка на дете со умерена попреченост во развојот.   Божиноска, својот син Кристијан, веќе 13 години секојдневно го носи во специјализираниот Дневен центар „Ѕуница“. Но, загрижена е што ќе биде со него понатаму, бидејќи во Македонија има недостиг од соодветни центри за згрижување на возрасни лица со поречености во психо-физичкиот развој. Засега, овој проблем се решава со згрижување на сите деца во овој Дневен центар, без ограничување на нивната возраст.

   „На возраст од 26 години дечињата не ги исклучуваме од Дневниот центар, но остануваат кај нас. Продолжена е границата. Значи, имаме корисници со 38 години и тој тренд ќе продолжи и понатаму се додека не се создадат некои нови услови во државата каде што ќе можат со наполнување на одредена возраст на корисниците да бидат згрижени во групни домови каде што ќе бидат со 24-часовен надзор“ – кажа Снежана Јошеска, социјален работник во Дневен центар „Ѕуница“, Прилеп.

    Наспроти ова пак, директорот на МЦСР од Прилеп, уверува дека државата и сега имала доволно капацитети за згрижување на возрасните деца, особено за оние за кои повеќе нема кој да се грижи. .  

  „Сега, со новиот Закон за социјална заштита, Здруженија на граѓани кои се лиценцирани ја даваат оваа услуга. Се работи за едни многу хумани услови каде што помали групи од 4-5 лица живеат со 24-часовна поддршка од психолог, социјален работник, дефектолог“ – посочува Дејан Тошески, директор на МЦСР-Прилеп. 

   Родителите на децата со попречености бараат и поголема финансиска помош од државта, креирана според тежината на попреченоста.

   Инаку, 3-ти декември е Меѓународен ден на лицата со попреченост.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста