Во Крушево регистрирани првите два случаи на Коронавирус, а во Прилеп детектирани уште 9 нови

Во изминатово деноноќие, и Крушево ги доби првите два случаи на лица чии резултати од тестирањата покажале присуство на Коронавирусот. Неофицијално, станува збор за двајца повозрасни луѓе, кои биле роднини на лекар кај кого, во претходниве денови веќе било детектирано присуството на вирусот. Во Прилеп пак, по втор пат за само неколку дена, повторно има рекордни 9 нови случаи, со што вкупниот број се искачи на 33 заразени. Меѓу заразените има и тројца  здравствени работници, вклучително и еден инфектолог кој е позитивен, а друг, се уште е во самоизолација.

Во меѓувреме земени се и 20 нови брисеви од граѓани, во самоизолација ставени се нови 134 лица, а тројца пациенти се хоспитализирани на Инфективното одделение. Со оглед на развојот на ситуацијата, не се исклучува можноста на изретчениот персонал во Заразното одделение, на припомош да им бидат ставени и медицински тимови од другите одделенија од прилепската Болница.

По рапидниот раст на бројот на заразени со Ковид 19, со што Прилеп загрижувачки високо се искачи  на републичката скала, растат и паниката и стравот меѓу прилепчани. Ова, особено и по затворањето на двете фабрики, едната целосно, другата делумно, каде работно се ангажирани преку 1.200 луѓе, а има сомнежи дека и во друга фабрика има заразени работници.

По ваквиот развој на настаните, но и под притисок на јавноста, дел од зaразените прилепчани, започнаа самите  да си го откриваат својот идентитет на социјалните мрежи, со цел, како што пишуваат самите, да помогнат во спречувањето на ширењето на заразата.

Каролина Дурло