Во Италија досега се аплицирани 100 милиони дози против ковид

Приближно 80 отсто од Италијанците досега примиле барем една антиковид-вакцина, додека 77,3 отсто се ревакцинирани, се вели во пресметките на независната фондација „Гимбе“

Бројот на аплицирани антиковид-дози во Италија надмина 100 милиони, по што италијанската влада прогласи успех за кампањата за вакцинација на населението против ковид-19.

Генералот Франческо Паоло Фиглиуоло, задолжен за дистрибуција на вакцините, масовната вакцинација ја оцени како „одличен резултат“.

Приближно 80 отсто од Италијанците досега примиле барем една антиковид-вакцина, додека 77,3 отсто се ревакцинирани. Дополнителната или засилувачка доза ја примиле околу 16,2 отсто од граѓаните, се вели во пресметките на независната фондација „Гимбе“.

Меѓу Италијанците постари од 12 години речиси 88 отсто примиле најмалку една доза од вакцината против ковид-19.

Од 16 декември треба да почне и вакцинирањето на децата на возраст од пет до 12 години.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста