Во исчекување на 500 евра плата, премиерот заборави да ги облече „железните опинци“ кои ги најави

Ниту 500 евра плата за граѓаните, ниту 100.000 денари плата за лекарите, но ниту датум за преговори со ЕУ. Зоран Заев и владата на СДСМ наместо животот кој го ветуваа за овие години донеле само „крпен живот“, се жалат граѓаните. Тие наместо да стануваат побогати, велат дека власта постојано ги прави посиромашни со зголемувањето на давачките.

– Катастрофа, само лаги, лаги и лаги. Ништо добро не сме виделе, ни повисоки плати, ни подобар стандард, ништо. Ова никогаш не било, се пожалија дел од граѓаните пред камерата на Алфа.

Честите задолжувања на државата, најниската просечна плата во регионот станаа реалност, наместо „подобар живот за граѓаните“ кој премиерот го ветуваше дека ќе го донесе. Тој на почетокот од годинава рече дека ќе облечел и железни опинци за 500-те евра просек да стасаат до граѓаните. Но тоа барем за сега останува само пуста желба на Заев.

– Железни опинци ќе облечам, просечна плата од 500 евра во Македонија ќе има, порача премиерот Зоран Заев од трибина во Велес.

Колку за потсетување, просечните плати во регионот не можат ни приближно да се споредат со нашите, македонските.

Словенија 1.108 евра, Хрватска 886 евра, Црна Гора 516 евра, Босна и Херцеговина 472 евра, Србија 471 евра, Косово 442 евра.

Во очекување на ветените 500 евра просек, македонските граѓани остануваат закопани на дното во Европа по животниот стандард, висината на платите, невработеноста, но и иселувањето, кое наместо да запре, зема се поголем замав. А она што загрижува е фактот дека преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, односно секој 5-ти граѓанин едвај преживува.

Борис Грујоски