Димитров во Прилеп не сака да зборува за фашистички окупатор од Бугарија

Венци, свежи цвеќиња, длабок наклон и присет пред заедничката гробница на одважниците кои во НОВ, со својата саможртва, борејќи се против фашистичкиот окупатор, се вградија во темелите на својата татковина – Македонија. Во Прилеп, градот првоборец, од каде и започна народното востание во ’41-та, пред моштите на хероите на Могилата на непобедените, се поклони и вице-премиерот Никола Димитров. Тој, одговарајќи на новинарско прашање – кои биле фашистичките агресори во Македонија, кажа дека многу било лошо ако лошото се врзувало за една цела нација.

   „Мислам дека ќе згрешиме, ако на нашите соседи, (прашањето беше за Бугарија), го ставиме тоа петно како на цела нација, затоа што така ќе останеме назад. Ако оцрниме цел народ, историјата ќе ни стане затвор и ќе немаме друг избор, освен да се мразиме и да се конфронтираме. Борбата била против фашизмот, но не треба да се лепи таа етикета на еден цел народ или на една цела нација…Овие прашања треба да ги осатвиме на Комисијата на историчарите“, – изјави Димитров.

      Прилепчани пак, кои се доста осетливи на оваа тема, немаат никакви дилеми  за тоа кои биле фашистичките окупатори во Македонија.

        „Нема да им успее. Оти гледа Европа што се случува, знаат оти тие со фашистите беа, знаат оти овде тие беа поробувачи, не беа ослободители, како што се кажуваат. Апсолутно тоа во никој случај не смее да им се дозволи“, – вели еден прилепчанец.

      „Бугарите од секојпат тоа го сакаат. Колку војни имаат само водено за оваа територија. Никогаш не успеале, нема ни сега да успеат, меѓутоа, проблеми се создаваат, нервози, немир, сиромаштија. Немирни сме во душата…“, – објаснува друг прилепчанец.

       „Последниве три години, значи, не знам политиката што мисли, држава да се продава нагло, значи..лошо е…“, – посочува повозрасен прилепчанец.

     Инаку, чествувањата по повод празникот започнаа уште синоќа, со импровизираниот напад на градот и на некогашниот бугарски затвор – Участакот, но годинава, заради пандемијата, за прв пат, без традиционалниот огномет. Утринава, венци и свежи цвеќиња беа положени и на споменикот од првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, како и пред паметникот на Кузман Јосифоски – Питу.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста