„Во Германија не е сјајно“ – газдите ги убедуваат работниците да не се иселуваат, но не можат да ветат повисоки плати

„Не си одете, ниту во Германија не е сјајно„ – вака газдите ги убедуваат работниците да не заминуваат да работат во странство. Додека Македонците масовно ги пакуваат куферите, домашните бизнисмени, во обид да ги натераат да останат овде, тврдат, дека трошоците за живот во „европската ветена земја“ се зголемиле. Одгледувањето на деца и плаќањето на градинки било прескапо – тврди германскиот амбасадор. Сепак, газдите немаат план како да ги задржат работниците овде. Не можат да ветат ниту зголемување на платите. Тоа зависело од продуктивноста – согласни се домашните, но и странските инвеститори.

„Ниту во странство не се сјајни условите за работа, затоа што веќе имаме и конкретни примери на некои компании, кои ни кажуваат дека работници кои заминале во странство, сега се враќаат. Посочени ни се од компаниите и определен тип измами на работници кои се препраќаат во странство од некакви агенции за ангажирање на работници во странство“ – вели Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.

Годишно Германија издава дури 10.000 работни визи и дозволи за престој на Македонци. Најмногу се бара медицински кадар, но и работници со ниски квалификации во областа на градежништвото, угостителството и индустријата.

„Постојат различни сектори на квалификации, има еден посебен сегмент кога се работи за медицината и за инженерите. За нив мошне е полесно да се стекнат со визи за работа. Конкретно за западниот Балкан се уште нема специфично решение, но постојат разликите меѓу луѓето кои имаат квалификации и луѓето кои немаат“ – вели германскиот амбасадор Ото Граф.

Иселувањето во Германија се очекува да земе поголем замав од март кога Германија ги олеснува условите за работа на луѓе надвор од ЕУ. Полесно ќе се доаѓа до виза и работа за дефицитарни занимања.

Не е тајна дека голем број Македонци масовно го учат јазикот овде, а некои дури и со диплома в рака, повторно запишуваат средно училиште, најчесто медицина, за да најдат што подобра работа во Германија.

Владата призна дека засега нема механизам како да ги задржи младите во земјава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста