„Во фокус“: Судбината на Методија Андонов Ченто се повторува со неговиот правнук Јане Ченто

Јане  е воспитуван во духот на патриотизмот. Како правнук на Методија Андонов Ченто од секогаш се интересирал и за историјата на Македонија но и за нејзината иднина – како да придонесе за подобро утре во татковината – вака неговиот татко ја почнува животната приказна на Јане Ченто, осуден за настаните од 27 април.  Но скап е данокот на идеалите, тврдокорноста и борбата за правда – никогаш не можел ниту да помисли дека неговата љубов кон татковината ќе биде причина тој да биде осуден за тероризам.

Тоа што му се случи нему му се случи и на неговиот прадедо – се бореше, тој организираше, да се сплоти македонскиот народ, да се живее, да одиме напред како држава. Тој се бореше за тоа. Идеалите на македонецот се знае кои се, растел, живеел со тоа, направил нешто со тие идеали, за доброто на секој граѓанин на Република Македонија – раскажува таткото на Јане Ченто, Коле Спиркоски.

„Јане останува верен на патриотизмот – дури и кога може да ја купи неговата слобода“.  Барем така, сведочи неговиот татко,кој пред камерата на Алфа кажа дека на Јане му се нудело да биде загрозен сведок кој лажно би сведочел и со предавство да плати за слобода.

Се случило тоа во Шутка. Во ќелијата кај што бил, лица од власта дошле, Јане вака и вака, ти ќе зборуваш она што ние ќе ти кажеме. Ќе бидеш ослободен од секакви обвиненија. Јане е тврдокорен, не сака такви работи, и со драго срце, со цела волја, излегувајте надвор од ќелијата. Не сакам да земам никој на душа. И гордост ми е што тоа го направил – вели Коле.

Но има и такви кои лажно сведочеле вели Коле. Во текот на судскиот процес се земале предвид изјавите на загрозениот сведок кој тврдел дека токму Јане ја предводел толпата која се упатила кон Собранието. Иако според снимките на кејот на Вардар, Ченто поминува половина час подоцна, односно групата поминува во 18:47 а Ченто во 19:14.

Сепак, овие видеа не биле земени предвид од Судот, односно не помогнале за да се создаде олеснителна околност за донесување на пресудата, која за Јане беше казна затвор од 15 години. Целиот судски процес, за Коле Спиркоски е преседан, а истиот став го имаа многу експерти, и дел од јавноста.

Нормално, изреволтирани бевме сите ние. Ова судство никогаш не било вакво. Ова е дно веќе, од ова веќе подолу не може. Срамота е да се случи вакво нешто во 21 век. Не може во ЕУ со вакво судство – додава Спиркоски.

Јане Ченто e познат на јавноста како поборник за македонскиот патриотизам, идентитет и традиција. Тој се залагаше, македонските политички партии да потпишат национална платформа и без разлика која партија ќе дојде на власт, да не застранува од тие точки, да нема промена на име, идентитет и да има еден службен јазик на територијата на целата држава.

Како што вели неговото семејство, тој никогаш не ја изгуби надежта дека ќе дојдат подобри времиња.


„Не се плашам од затворот. Вие ме осудивте, историјата ќе нè ослободи. Еден ден ќе огрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија“ –
изјави Јане Ченто на 15 март 2019 година.

Адријана Алексиеска

Advertisements