„Во фокус“: Без храна и вода по цели денови- како осудените за 27 април беа држени во судница и по повеќе од 12 часа

Без храна и вода дури и по повеќе од 12 часа на ден. Вака изгледаа првите рочишта на првостепено осудените на вкупно 211 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок, за настаните од Собранието, од 27 април. Тие беа држени по цели денови, со мали паузи во кои не смееја да ја напуштат судницата. Што влезе и во извештаите на меѓународните организации, како што е Хелсиншкиот комитет за човекови права.

-По соодветните реакции на набљудувачите од граѓанските организации и бранителите на обвинетите во притвор, судот реагираше и на притворените им беше овозможена храна и вода. Следното прекршување кое беше нотирано се однесуваше на должината на траење на едно судско рочиште, имено имаше рочишта кои траеја и повеќе од 12 часа, соопштија од Хелсиншки.

Односот кон тогаш обвинетите во текот на судскиот процес беше причина и нивните семејства да поднесат претставка до Народниот правобранител. Алфа побара изјава од првиот правобранител Насер Зибери, на оваа тема, а иако првично истото беше прифатено, одговор кога ќе зборува пред камерата на Алфа се уште немаме.

-Во овој период обвинетите не смееја да ја напуштат судницата па дури и доколку имаа потреба од тоалет беа придружувани од полиција иако за тоа не беше донесена писмена судска одлука. Со ваквото постапување судот не само што ги повреди основните човекови права туку направи и груба повреда и на член 12 од Уставот, се велеше во реакцијата на семејствата на тогаш обвинетите.

Должината на рочиштата беше проблем кој секојдневно го споменуваа сите адвокати. Звонко Давидовиќ кој е адвокат на двајца од овој процес, вели дека маратонските рочишта, оневозможувале квалитетно подготвување на одбраната

-Ние останувавме до 11, 11 и пол, 12 ноќе, почнувавме 10 сабајле со една кратка пауза од час или 2 и вие после толку време поминато во судница не сте ни во состојба да функционирате квалитетно, посебно да вршите вкрстено испрашување на навистина битни сведоци, а да не заборавиме во судница се во прашање човечки судбини, не се таму работи кои што можеме да ги поправиме, изјави Давидовиќ.

Адвокатите добиваа и казни поради наједноставни барања за подготвување одбрана во текот на судскиот процес. Барањето столче да се седне, ги чинеше нив по 1.000 евра, кои тогаш ги добија од Добрила Кацарска.

-Бевме префрлени во друга судница и побаравме права на одбраната да не коленичи и да запишува на колено што кој сведок ќе каже, тоа беше испитување на клучниот сведок во постапката, бевме казнети со по 1.000 евра казна, која што Апелација ни ја намали на 500 евра, изјави Пешевски.

Инаку, чудно е и што вака обемен предмет, со пресуда на 1.054 страни беше завршен за само седум месеци. Првото рочиште беше на 22 август 2018-та, а пресудата беше објавена на 15 март 2019-та година.

Останува нејасно зошто иако прво прифати, народниот правобранител Насер Зибери се уште не одговара на барањето на Алфа за изјава околу прекршувањата на правата на сега осудените за настаните во Собранието.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста