Во ек на пандемија, прилепските советници од власта си изгласаа пари за нови вработувања?!

Додека бројот на заразени од Ковид 19 во Прилеп рапидно расте, заради што цели фабрики се затвораат, дуќанџиите од Старата чаршија очајно молат за помош за спас на Чаршијата, а граѓаните во непрегледни редови чекаат пред банките, аптеките и наплатните пунктови, прилепските советници од власта, на последната седница на Советот си изгласаа финансиски средства, во висина од 287.805 евра за нови вработавувња во ЈКП „Водовод и канализација“, обвинија локалните опозиционерски советници.

Претседателот на Советот на општина Прилеп пак, Миле Талевски се пофали со мерките кои што ги презема општината за помош на правните и физичките лица, но и на социјално загрозените семејства.

Во меѓувреме, градоначалникот Илија Јованоски, ги „искара“ прилепчани заради огромниот метеж кој во претпладневните часови се прави пред шалтерите, заради што бил принуден да ангажира и вонредни редарски служби.

Инаку, заклучно со вчера, бројот на заразени со Коронавирусот во Прилеп се искачи на 34 лица, со што градот се најде на неславното високо четврто место на републичката скала.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста