Во дворот на семејството Николоски ќе поминува улица – дали Општина Прилеп одзема приватно земјиште?!

„Без никаква претходна најава и без налог за рушење, градежната инспекција, со тешка механизација и со асистенција од полицијата, ми го сруши оградниот ѕид, изграден уште пред многу години, на мое земјиште“. Со овие зборови, видно вознемирена, пред камерата на Алфа, си ја отвори душата, прилепчанката Зорка Николосока. Таа тврди дека општината и’ го узурпира приватниот имот за тука да изгради маалска улица со два крака, од кои, едниот бил дури и „слеп“, иако не оспорува дека некогаш тука постоела улица.

„Долги години ја бaраат улицава, ама ние не се сложувавме. Ни овој чичко ми, ни ние. И се папса. Е сега, овие две години, некако добија, а и преку Суд се судевме во Скопје и ние добивме“, – вели Зорка Николоска.

Николоска објаснува дека нејзиниот, сега веќе починат сопруг, иако бил тешко болен, три пати бил викан на Суд за да се сложи да отстапи дел од дворот, за што ќе му бил исплатен соодветен паричен надоместок, на што тој тогаш и се сложил. Зорка вели дека надоместокот во висина од 6.000 денари, до ден денес не им е ни исплатен, но појаснува дека нејзе не и’ требаат тие пари, туку проблемот е што наместо договорените 30 см, сега им се одзема пет пати поголем простор.

„Јас кога видов се вчудоневидив и овде припаднав. Дваесет души работници, багери. Му велам – што правите, велат – туркаме. Камо ти налог ?! Нема, вели налог, еве скицава…Нека влегува во наше место, ама нека ми остави до куќата метро и пол и ѕидот нека ми го направи, и нека го земат, значи јас не се бунам. Ама, тој ти вели, само 30 сантими ти оставам. Ами, јас 30 сантими до куќава, како ќе влезам, назад имам мутбак, бавча, место ?!“, – револтирано раскажува Николоска.

„Ми се плачи, од Германија ми се јави внукот. Мајка ми, рече, паднала во несвест, и’ го туркаат ѕидот. Оди, молим те и види што се случува. Идам овде, сестра ми ја нема“, со плачење ја потврдува голготата на Зорка, нејзината сестра Лепа Колароска.

Безуспешни останале и обидите на Николска да побара помош од општината. Таму никој не ја примал, па таа се сомнева дека зад сето ова, стојат нечии „дебели“ врски.

„Вади тој „пријателска“ улица за три куќи, слепо ќоше ја прави. А на 10 метри има друга улица. Не можеле колата да ја внесат, тоа е проблемот“, посочува Николска.

Што од ова е вистина, одговор побаравме и од ПР-службата на Општина Прилеп, но оттаму, повратна информација не добивме.

Инаку, семејството Николски тврди дека тапии за сопственоста на спорното земјиште, поседувале уште од турско време, ама општинските власти, нив сега не им ги признавале. Изреволтирани од ова, Николоски се решени правдата да ја бараат на Суд, за што веќе ангажирале и адвокат.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста