Во Дебар од средата чекаат резултати од тестирањето, ИЈЗ вели се чека максимум 48 часа

Повеќе од три дена жители на Дебар се во неизвесност дали тестот за Ковид 19 ќе им биде негативен. Алармот го вклучи првиот човек на општината кој вели дека 22 бриса за тестирање биле земени во средата, а резултат стигнал само за двајца. Тие биле негативни.

„Во средата се направени 22 тестови. До денес стигнати се само два и тие се негативни“, вели дебарскиот градоналаник Хекуран Дука.

Од Институтот за јавно здравје реагираат дека резултатите од тестирањата се чекале најмногу до 48 часа, оти имало денови кога во лабораторијата стигнувале и по 600 брисеви за тестирање. Приоритетни биле тестовите испратени од Клиничките болници, но и пациентите со потешка клиничка слика.

„Времето на чекање за да се изврши една анализа зависи од повеќе фактори. Приоритет имаат тие што доаѓаат од клиничките болници и пациентите со претходни хронични болести и коморбидитети. Оние кои се класифицирани со низок ризик би можеле да почекаат и до 48 часа“, велат од ИЈЗ.

Од Институтот велат дека акредитираната лабораторија таму работи и по 24 часа, во три смени, а дневно може да обработи од 250 па се до 280 тестови.

Ова не е прв пат пациенти да се жалат оти долго време ги чекаат резултатите од тестирањето. Преку социјалните мрежи постојано се алармира дека има пациенти, но и граѓани кои се во домашна самоизолација со симптоми на Ковид кој се влошуваат, а резултатите од тестовите се уште не им биле стигнати, или пак ги добиле само усно. Епидемиолозите, пак, се правдаат оти во време на пандемија во сите земји во светот резултатите од тестирањата доцнеле поради обемниот материјал кој треба да биде обработен.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста