Во ЦОУ „Лирија“, во долненско Житоше, новата учебна година започна со старите проблеми

 Поддотерани, но не и реновирани полски тоалети – изградени уште пред повеќе од половина век, подзачистени, ама не и променети црвојадни подови и стар училишен инвентар, кој плаче за промена. Ова беше денешната слика, на првиот училишен ден во ОУ „Лирија, во долненското село Житоше, во кое, со комбинирана настава треба да учат околу 350 ученици. Родителите загрижени. Повеќето од нив, ја избегнаа нашата камерата, не сакаа јавно да говорат. Но, оние похрабрите, си ја отворија душата.      

 „Навистина, не може да се одржува настава овде, ни физички, ни он-лајн.Треба да преземат иницијатива, да обезбедат буџет и да се направат и тие вециња таму, и училниците, кои и вие видовте во каква катастрофална состојба се, од пред педесет и нешто години се правени овие училници со тој патос. Под итно да донесат подвижни тоалети, додека да се направат другите“, – вели Зекирија Јусуфи.

Освен несоодветните услови во училиштето, на родителите им прави проблем и он-лајн наставата, бидејќи финасиски се немоќни, а електронски неписмени.

„Он-лајн наставата многу тешко оди. Проблем е што луѓето овде имаат по три-четири деца и на едно дете ако му набави лап-топ или таблет, или ајфон, за другите три или четири – нема. Шеесет насто немаат никакви услови и финасии за тоа да го обезбеди“ – појаснува Јусуфи.

  „Како ќе учат !? Ни интернет имаат, ништо немаат, ни лап-топи, ништо. Кај ќе учат ?! На тутун одат, а да учат, а вака, ни на тутун нема да иди, ќе оди на училиште…нон-стоп да идат на училиште, зошто да седат дома?!“, – револтирано прашува Реџеп Елмазоски кој е татко на осмооделенец.

   Доброупатени мештани тврдат дека проектот за реновирање на училиштето бил готов уште од пред пет години, но досега ништо не било направено, а надлежните се правдале дека немало пари за тоа.

Одговорите се обидовме да ги добиеме од надлежните. Но, директорот на училиштето, Шабан Салиоски, буквално не’ избрка од неговата канцеларија, забранувајќи ни дури и снимање во училиштето. А додека градоначалникот на Долнени, Џемил Ќамили, во телефонскиот разговор не’ упати кај општинскиот секретар, кој пак, не одговараше на нашите телефонски повици.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста