Во Бугарија можност за политичка влада со малку поумерени ставови, Радев не покажува знаци на попуштање

Третото изјаснување на граѓаните на Бугарија во последната година донесе оптимистичко расположение дека ќе се промени ставот на источниот сосед кон Македонија и македонските евроинтеграции.  Кандидатот за премиер на Бугарија, Кирил Петков, чија партија „Продолжуваме со промените“ според првичните резултати води, најави можен нов пристап се решавање на бугарско-македонскиот спор. Оваа порака, во македонската експертска јавност беше толкувана како охрабрувачка, но се поставува дилемата, дали може да се промени нешто за само еден месец, во пресрет на Самитот на 14 декември.За дел од познавачите, шансите не се непостоечки, но се многу мали.

Треба да имаме предвид дека Владата е биде формирана од повеќе партии, меѓу кои ќе има партии кои немаат многу умерен став во однос на Македонија, оттаму сметам дека треба да бидеме попретпазливи во очекувањата за прва меѓувладина конференција.Шансите не се непостоечки, но сепак се многу мали. Оттаму треба да бидеме попретпазливи, да не се доведеме во ситуација како претходните години – вели поранешниот амбасадор професор Васко Наумовски.

Првиот дипломат Бујар Османи и после изборите е умерен оптимист. Во очекување на клучните состаноци на ЕУ, очекува да бидат интензивирани контактите меѓу двете земји, за да се создадат услови за изнаоѓање решение. По средбата со својот бугарски колега Светлан Стоев во Брисел, истакна дека уште еднаш ја потврдиле решеноста за подобрување на билатералните односи.

До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, нашите очекувања се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската унија – информираше Бујар Османи.

Но оптимизмот кој владее на политичката сцена, не му се попаѓа на актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев кој уште еднаш испрати порака дека нема да го менува тврдокорниот став во однос на блокадата за Македонија на патот кон европското семејство. Според него, клучот, е Македонија да прекинела со уништување и фалсификување на илјадагодишното бугарско културно и историско наследство, а новата влада и новиот парламент нема никако да влијаат на македонската евро-перспектива.

Инаку, Бугарија ја очекува втор круг претседателски избори каде Румен Радев влегува со огромна предност во однос на противкандидатот Анастас Герџиков.

Адријана Алекисеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста