Во Битола состојбите со водотеците се смируваат

Умерените врнежи на дожд, денеска делуваа смирувачки во однос на интензитетот на водите во коритата на реките и каналите, за разлика од вчерашната критична состојба на поодделни пунктови во Битола и околните села. Одроните на речното корито близу пумпната станица на ЈП “Водовод“ кај населбата  Довлиџик се стабилизирани, со интервенција на механизација и поставување на насипен материјал.

Пумпната станица е безбедна и нема никакви опасности од излевање на речното корито, а исто така, водата е технички исправна за сите граѓани и за другите општини- рече Горан Козаров, директор на ЈП `Водовод“- Битола.

Од друга страна, собирните канали и реката Шемница кои се главни реципиенти за полнење на акумулациското езеро “Стрежево, со полн капацитет ги влеваат надојдените води. Оваа акумулација со зафатнина од 120 милиони м3 вода, во целост може да ги прифати водените ресурси.

-Во моментов имаме од 15 до 20 м3 во секунда  вода во акумулацијата или 24 часа, или дневно 1,5 до 2 милиони м3 вода. Во овој момент, акумулацијата има околу 50 милиони м3 вода- рече Менде Граматковски, директор на ЈП “Стрежево“.

После неколкумесечниот сушен период без врнежи, неколкудневните врнежи со просечен прилив на воден талог од 50  до 70 литри на м2, земјоделските стручњаци ги оценуваат како мошне поволни за есенските култури во Пелагонија.

-Знаеме дека голем период беше суша, особено во есенскиот и сега во зимскиот период, а особено се добродојдени за есенските култури. Забележително беше дека имаше суша во овој период и се забележуваше кај пчаницата, посебно кај листовите- рече агроном Љупчо Китановски.

Според сегашниот билтен, покрај драматичните состојби кај реката Драгор, прелевања имаше на каналите над селото Брусник, кај Дихово и Породин, во близина на тамошната живинарска фарма, а реакции за неажурност на комуналните служби, имаше од жителите на село Долно Оризари и Породин.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста