Во Битола КОВИД- 19 вирусот деновиве е со галопирачки раст

Расте бројот на новозаболени со корона вирусот во Битола, а британскиот сој со двојно и тројно поголеми проценти, навлегува во сите сегменти на овој регион. Причини има повеќе, вели директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева- од брзото ширење на британскиот сој , олабавеноста на граѓаните и недоволна примена на мерките, с`е до групирањата во ресторани и кафулиња и особено семејните собири за Осми март и Прочка, што го предизвикаа новиот бран.

Последниве три недели бројнките на новозаразени растат со голема брзина. Минатата недела имавме зголемување од 50%,  така да за седум дена имавме 158 нови случаи, што загрижува што после сите овие празници, осми март и Прочка, во следните недели ќе имаме зголемување на позитивни случаи- рече д-р Елизабета Крстева, директор на ЦЈЗ- Битола.

Власта нема волја да воведе поригорозни мерки за изолација што го создава галопирачкиот раст на короната, смета професорот – др Дејан Трајковски, кој предвидува на почетоткот на идниот месец кулминација на бројот на новозаразени.

Преносот се намалува согласно пропорционалноста на затвореноста, но кај нас таа е многу ниска и не очекувам да има порестриктивни мерки. Бројките ќе растат спонтано бидејќи се нема желба и цело време се вели дека економијата е пред здравјето – рече професор д-р Дејан Трајковски.

До денеска, во КОВИД- центарот на Клиничката болница во Битола се сместени 60 пациенти, од кои 48 со кислородна поддршка. Слободни се уште 20 легла, но по потреба, уште неколку одделенија веднаш можат да се преадаптираат ако има потреба, вели директорката Билјана Гагачева. Во Модуларната болница со 90 легла се поставува  медицинска опрема, а во завршна фаза се и надворешните инфраструктурни зафати. Со тоа, барем за еден месец и овој капацитет ќе биде ставен во функција.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста