Во Битола јагма по клима- инвертери

Две илјади и петстотини битолчани до почетокот на ноември, од Општината ќе добијат субвенции од по илјада евра за купени клима – инвертери. Целта е, печките со фосилни горива да бидат заменети со овие грејни тела, за да се намали аерозагадувањето. Меѓутоа, после аплицирањето, на прелиминарната листа која ја поминаа над 2. 700 граѓани се појавија имиња на сегашни и бивши пратеници или на нивното потесно семејство, директор на ЈП, управител на затвор и советник во Општината, што страшно ја изиритира битолската и пошироката јавност што некои ја нарекоа “Ивкова слава“ со ивертери. За општинарите, нема ништо спорно.

  • Што се однесува до мене, станува збор за бројка од 2. 700 фамилии. Во нив има секаков ранг на луѓе, на различни позиции, некои немаат никакви позиции, ги има од разни партии. Секој што ги исполнува условите и кој ја потпиша изјавата, мислам дека има право да учествува на конкурсот- рече Валентин Груевски, претседавач на Советот на Општината.

На оваа листа, бодат очи, како што се пишува на социјалните мрежи имињата на директорот на ЈП “Водовод“ Козаров, управителот на затворот Крајовски, пратеничката Лозановска, синот и таткото на доскорешниот пратеник Илиоски, советникот во општинскиот совет налбанти и други. Пратеничката Олга Лозановска од ВМРО ДПМНЕ нејави повлекување на апликацијата на нејзиниот сопруг, а истото денеска го рече и директорот на “Водовод“ Козаров.

  • Ќе поднесам барање до Општината да ме изземи од наредни фази, или доколку нема начин тоа да го направи и ги добијам тие средства за клима, парите ќе ги донирам во некоја институција- рече директорот на ЈП “Воодовод“  Горан Козаров.

Опозициските советници од “Поинаку“ велат дека во ова треска за инвертери, фрлена е црна дамка.

  • Аплицирањето и добивањето на клими од страна на битолски функционери, советници итн., во најмала рака е срамно и се коси со Етичкиот кодекс на Владата кој за битолските функционери не важи. Искрено се надевам дека во наредната година ќе имаме 2. 500 оџаци помалку во градот, меѓутоа црна дам ка се фрли виз повикот што го распиша Општината- рече Габриела Илиевска, советник од “Поинаку“.

Од еколошките здруженија сметаат дека ова е гол популизам и дека за климите требало да се направи категоризација според економските можности на населението.

  • Гледам на листата луѓе кои не смееле да се дрзнат  да аплицираат за субвенционирање. На тој начин, на оние кои навистина им треба не можат да дојдат до инвертери и сметам дека ова е класичен гол популизам, особено на општинаските власти во оваа распределба- рече битолскиот еко- активист Душко Груевски.

Дали оваа мерка за која Владата во Битола даде 2, 5 милиони евра ќе постигне некаков ефект, допрва ќе се види, особено што последниве години, Битола според аерозагадувањето е една од црните точки во европски рамки. Но, сега, инвертер – еуфоријата е во силен замав.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста