Во битката со Ковид 19, се вклучуваат и тимови од прилепските матични лекари, како и волонтери

        Останува неизвесноста дали Прилеп ќе оди под карантин. По вчерашното вакво барање упатено до Главниот кризен штаб и по одржувањето на денешната итна седница на Општинскиот кризен штаб, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, денеска ретерираше. Вели, тој побарал само порестриктивни мерки, а конечната одлука која треба да биде донесена утре, ја оставал на надлежните државни тела и органи.

   „Ние не можеме да дадеме предлог. Ние даваме само насоки што треба да се направи во нашиот град. Сите овие случувања во последниве дваесетина дена кога имаме голем број на новозаболени и за жал, на починати, ние бараме помош од Главниот кризен штаб. Главниот кризен штаб, заедно со Комисијата за заразни болести е тој што одлучува, тој ќе процени кои мерки ќе ги преземе. Не сакам да прејудицирам предвреме. Ќе ги чекаме одговорите од Главниот кризен штаб и така и ќе постапиме“, – изјави градоначалникот Илија Јованоски.

    Јованоски признава дека состојбата во Прилеп со безмалку триесет починати само во последниве дваесетина дена и со по неколку десетици новозаразени секојдневно е повеќе од алармантна и загрижувачка. Затоа, покрај веќе досега користените рестриктивни мерки, сега во функција се ставаат и нови. Лекарски тимови ќе бидат регрутирани од редовите на матичните лекари, како и волонтери кои пак, ќе се ангажираат преку Спасителната служба „Златоврв“.

   „Заради алармантната состојба и потребата од зголемен број на медицински персонал во Инфективното одделение, ОКШ го задолжи претседателот на Здужението на матични лекари од нашиот град, почнувајќи од утре, за во наредниот период да обезбеди по два тима, составени од доктор и медицинска сестра, кои ќе волонтираат по системот на ротација во втора и трета смена во Инфективното одделние“, – рече градоначалникот Јованоски.

      Градоначалникот, кој и самиот е лекар по професија и веќе се вклучи како припомош на своите колеги-инфектолози рече дека во моментов во петте Ковид-оддели во прилепската Болница, соодветно се третирале сите пациенти, независно од нивната возраст, но ја истакна и итната потреба од негуватели-волонтери за хоспитализираните Ковид-пациенти.

      Инаку, градоначалникот Илија Јованоски, го осуди и завчерашниот, агресивен настап на неговиот колега, кој е и прв човек на Болницата, д-р Драган Богоески, оценувајќи го како крајно недолично и недопустливо однесување за еден лекар и директор.

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста