Во Белград одржан протест на граѓните под слоганот „Ајде да се преброиме“

Во Белград и покрај снежното време, повеќе илјади граѓани одржаа синоќа протест против актурлната власт на претседателот Александар Вучиќ, под називот „Ајде да се преброиме“, после минатонеделниот протест кој беше под слоганот „Стоп на крвавите кошули“.

Од собирот кој помина без инциденти, граѓаните најавија дека ќе истраат во борбата за победа и дека, како што го победија поранешниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ, така ќе го победат и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Протестот започна во 18 часот на платото пред Филозофскиот факултет во центарот на Белград, каде што се обрати академикот Душан Теодоровиќ и актерот Тихомир Станиќ, по што граѓаните се прошетаа до зградата каде што се наоѓа седиштето на српскиот претседател, потоа продолжија пред српскиот парламент, телевизијата Студио Б и Радио Телевизија на Србија.

На граѓаните прво им се обрати академикот Душан Теодоровиќ, кој рече дека нема фер избори, додека Вучиќ е пет часа дневно на телевизија, како и се додека не се средат избирачките списоци. По него зборуваше актерот Тихомир Станиќ.

По нивниот говор на платото, граѓаните ја започнаа протестната прошетка. На чело на колоната беше транспарентот “Стоп на крвавите кошули”, а се носеа и транспаренти “Еден од петте милиони”, “Почнавме”, “Доста мајмунисање повеќе вака не се може”…

Меѓу граѓаните беа и претставници на опозициските партии Вук Јеремиќ, Драган Ѓилас, Борко Стефановиќ, Јанко Веселиновиќ, Милош Јовановиќ, Бошко Обрадовиќ.

Активисткат Јелена Анасоновиќ му упати на српскиот претседател Александар Вучиќ да ги открие нарачателите кои се обидоа да го убијат Борко Стефановиќ во Крушевац, сторителите и нарачателите на нападите врз сите новинари, активистите на граѓанското општество, политичките активисти и граѓаните кои се осмелија да размислат поинаку од него .

Таа побара да се откријат сторителите на убиството на лидерот на иницијативата СДП од Косово, Оливер Ивановиќ, и го најави следниот собир на годишнината од неговото убиство, на 16 јануари.

Протестот “Ајде да се преброиме” настапи поради наводите од одредени медиуми и актуелната власт во Србија, дека мал број граѓани се имаат собрано за време на протестите на 8 декември, додека организаторите тврдат дека имало повеќе од 10.000 незадоволни граѓани.

Протестот против насилството се одржува во врска со нападот врз лидерот на Српската Левица и еден од основачите на Сојузот за Србија, Борко Стефановиќ и уште двајца активисти во Крушевац, односно против насилството кое, според опозицијата, сегашната власт го прави над оние кои размислуваат поинаку.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по протестите минатата недела изјави дека нема да исполни ниедно од барањата на опозицијата и пет милиони луѓе да излезат на улиците, поради што една од главните пароли на денешниот протест гласеше “Еден од пет милиони”.