Внатрепартиски раскол: Димитриевски обвинува дека функционери на СДСМ од Куманово ветуваат лаги
По Охрид и во Куманово внатрепартиски проблеми во СДСМ, градоначалникот Максим Димитриевски обвинува дека функционери од партијата во овој град шират лажни и нереални ветувања. Како наближуваат локалните избори зовриваат страстите во владејачката партија, сега официјално и во градот на Оливер Спасовски, каде градоначалникот има највисок рејтинг од сите свои колеги во Македонија, но не е баш во најдобри односи со партискиот лидер Зоран Заев. Се погласно се шпекулира дека СДСМ нема да застане зад него, а како име кое може да биде фаворит на партијата за Куманово се споменува пратеникот Мартин Костовски. Тој пак последниов период е и повеќе од активен на социјалните мрежи токму со локални постови. Редовно ветува и најавува крупни проекти за Куманово, визуелизирани со фотографии како тоа би изгледало. Сепак она што е проблематично е што убавината претставена на тие фотографии, според првиот човек на Куманово се проекти, кои не може да се остварат со буџетот кој го има општината. Вели дека ваквите потези се несвојствени на партија како што е СДСМ, која според него во минатото секогаш давала реални ветувања кои се реално остварливи.
-СДСМ од секогаш била партија со реален пристап со издржани и реални ветувања кон граѓаните и ваквите анимации се во моментов чиста апстракција и лична желба за самопромоција на поединци, оваа е нереален пристап и сметам дека со ваквите обиди само се губи во очите на граѓаните. Лесно е да се црта и да се даваат идеи, многу потешко е да се обезбедат средства и да се реализираат проектите, пишува Димитриевски.
Ова доаѓа откако претходно најави за независна советничка листа на истакнати поранешни локални партиски активисти од СДСМ во Охрид. Во изјава за Алфа, Владо Чингоски, поранешен истакнат висок функционер на социјалдемократите изрази незадоволство од работата на својата партија во градот, велејќи дека на граѓаните не им се потреби советници кои функционираат по партиска директива, туку кои ќе го чујат нивниот глас и ќе ги решаваат проблемите.
-Не секогаш интересите на политичката партија не кореспондираат со интересите на граѓаните. Во еден дел може да се совпаднат, но пред се се трга од рејтингот на политичката партија. Нашата идеја е советничката говорница да ја користиме за секој предлог кој што е добар без оглед да ли произлегува од власта, опозицијата или градоначалникот или други субјекти, изјави Чингоски за Алфа на стартот на месецот.
Најави за можни независни листи има и во повеќе скопски општини, а најмногу се шпекулира со Центар. Сето ова се случува во период кога од раководството на партијата по повеќе од 20 години се повлече Радмила Шекеринска, а пред тоа и Бранко Црвенковски преку писмо го замрзна членството во партијата, барајќи одговорност од Зоран Заев.
Матеја Петровски