ВМРО-ДПМНЕ започна со граѓанската иницијатива за рушење на законот за попис- Заев не отстапува

ВМРО-ДПМНЕ ја започна иницијативата за поништување на законот за попис. Велат власта има план да спроведе политички фалсификат, а не статистичка операција. Поради тоа со помош на граѓански потписи ќе го рушат ова законско решение. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели доказ дека власта го политизира пописот доаѓа и од тоа што коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, веќе почнале да лицитираат со бројки и проценти.

-Заев и неговите министри се многу свесни  дека големото мнозинство на граѓани во Македонија се сомнева дека овој попис ќе биде политички фалсификат наместо да биде веродостојна статистика. Во спротивно ќе прифатеа граѓаните на регуларен начин преку Министерството за правда да ги соберат потписите за спротивставување на ваквиот закон, изјави Милошоски.

Власта пак не отстапува, пописот ќе се одржи во април, уште еднаш порача премиерот Зоран Заев. Вели убаво е секогаш да имало политички консензус, но попис морало да има, бидејќи не сме ги знаеле бројките кои ги имаме во државата.

-Пописот е од први до 21 април како што е предвидено и тој треба да се заврши, и ако се испрати апел дали треба нешто да се промени уште еднаш. Повторувам летото никогаш не се прави попис, септември е кампања за избори, октомври се локалните избори, ако одложуваме кога до мај да одложуваме, што ќе смени тоа. Така што треба да се фокусираме сите одговорно, да излеземе да го завршиме пописот, тоа е граѓанска обврска за сите граѓани, изјави Заев.

Покрај барањето на ВМРО-ДПМНЕ, за одложување на пописот, опозицискиот лидер, Мицкоски бара и предвремени парламентарни избори, уште едно барање кое е одбиено од страна на премиерот.

Не знам јас тоа кој космонаут гледа од месечината, како тоа ќе се случува, но јас тврдам дека вонредни парламентарни избори нема да има, заради тоа што не носат ништо добро на државата. Впрочем и да има, тие нема ништо да променат, само можат да ги закочат развојните проекти кои што буквално треба, мора и ќе се случат во периодот до 2024 година, кога доаѓаат редовните парламентарни избори, изјави Заев.  

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека пописот е неопходен, но велат дека не смее да се одржи во услови на пандемија, па поради тоа предлагаат да биде одложен за пролетта 2022 година. Како пример даваат и 10-тина држави кои поради ковид 19 ја одложија оваа статистичка операција, а меѓу нив и една Германија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста