ВМРО-ДПМНЕ со потписи за одложување на пописот

ВМРО-ДПМНЕ ги достави собраните потписи за покренување на постапката за поништување на законот за попис. Генералниот секретар на партијата кој е и пратеник во законодавниот дом денеска посочи дека опозицијата во повеќе наврати укажувала  дека има лош и штетен закон, што нема да ја прикаже реалната состојба на жители во Македонија.

Укажавме дека никаде во светот нема попис на резидентно население, а да се попишуваат и нерезидентите односно граѓаните кои не живеат во Република Македонија, рече Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира пописот да биде одложен, како што тоа го сторија  останатите европски земји .

Апелираме и укажуваме до власта, да прекине со постапката за попис бидејќи секаде во Европа и во светот, пописите се одложени за 2022 година. Ја повикуваме власта да се одважи и да го одложи пописот за 2022 година, да направат забелешки во текстот на законот и да го подобри за да може да имаме онаков попис каков што е потребен за развој на државата, бидејќи сегашниот текст на законот за попис нема да донесе ништо што е различно од она што го имаме ние како државјанства во Република Македонија, рече Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако Сајковски кажа дека ги поднеле потписите, од собраниските служби велат дека се уште иницијативата не стигнала до нив.

Според собраниските процедури, откако иницијативата за укинување на законот за попис ќе стигне до спикерот Џафери, тој ја дава на дебатирање во матичните комисии кои  имаат два дена да ја разгледаат.  Доколку е уредна, Собранието го известува предлагачот на иницијативата односно ВМРО-ДПМНЕ во рок од три дена, во меѓувреме се известува и претседателот на Владата кој треба да ја извести државната изборна комисија да почнат со подготовки за собирање потписи. По собирањето на 10 000 потписи, предлогот се доставува повторно во Собранието на комисија и на пленарна седница.

За да биде поништен законот за попис потребни се 61 глас.

Мери Ѓорѓиевска