ВМРО ДПМНЕ со нова доктрина во пресрет на конгресот на кој ќе се бира лидерот на партијата

Слободна, независна и просперитетна македонска држава, владеење на правото, развивање на демократијата, заштита на македонскиот идентитет, квалитетно образование и здравство, праведно судство, забрзана интеграција кон ЕУ – ВМРО ДПМНЕ ги објави компонентите на новата доктрина по која ќе се водат откако ќе завршат внатрепартиските промени. Во недела на конгрес ќе се бира нов претседател на партијата, а веднаш потоа најавија и кадровски промени. ВМРО ДПМНЕ ги застапува и штити македонските интереси – беше пораката на портпаролите на опозициската партија на денешниот брифинг со новинарите.

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ги открие и развива сите можности за развој на македонската држава, како стремеж за неограничена потрага по реални решенија. Нашата политичка стратегија е изградена на принципите – човечност и праведност. Богата, развиена и силна Македонија е иднината на македонскиот човек, нашите семејства, компании, заедници – стои во доктрината.

Новата доктрина, велат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде водилка на партијата во наредниот период, а целта била да се обновела надежта кај граѓаните дека во Македонија може да се живее подобро, а идентитетот сепак да биде зачуван.

Секој обид за отворање дискусија, на билатерален или мултилатерален план, околу идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ, по автоматизам води кон пробламатизирање на македонската самобитност и единственост – стои во доктрината.

На конгресот ќе присуствуваат околу 500 делегати, а до сега е доставена само една кандидатура за претседател. Рокот за поднесување кандидатури истекува во сабота на полноќ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста