ВМРО-ДПМНЕ слави, СДСМ во шок – граѓаните го кажаа своето, голема победа на опозицијата на изборите

Убедлива победа во првиот круг од локалните избори за ВМРО ДПМНЕ. Партијата освои дури 20 градоначалнички места, додека СДСМ според првичните податоци од ДИК во првиот круг има само 9 градоначалници. Податоците на ДИК, но и оние од партиските штабови покажуваат дека вкупно 33 општини ја добија локалната власт во првиот изборен круг.

ВМРО ДПМНЕ победи во општините Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште, Штип.

Се поизвесно е дека ВМРО ДПМНЕ по вчерашното гласање ќе ја освои и Општината Аеродром каде кандидатот Тимчо Муцунски води со 56 проценти од гласовите.

СДСМ пак ги доби градоначалничките места во Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и Струмица.

ДУИ во првиот круг ги освои општините Липково, Пласница и Сарај, а Демократска партија на Турците победи во Центар Жупа.

Втор Круг за избор на градоначалник ќе има во 46 општини и тоа Арачиново, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Ѓорче Петров, Гостивар, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Куманово, Лозово, Маврово и Ростуша, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чашка, Чешиново – Облешево, Чучер – Сандево, Шуто Оризари.

За Град Скопје ќе има втор изборен круг. Таму од обработени 92 отсто од пребројаните гласови води Данела Арсовска со 37,20 проценти наспроти 34,79 за Петре Шилегов или 5000 гласа повеќе на контото на Арсовска. Во Советот на Град Скопје најмногу советници според сегашните резултати ќе има партијата ВМРО ДПМНЕ кои добија 34 отсто до гласовите, СДСМ 22,69%, ДУИ 12,54%, Левица 8,58%.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста