ВМРО-ДПМНЕ пред Уставен ќе го оспорува мандатот на Заев

Со иницијатива до Уставниот суд ВМРО-ДПМНЕ ќе бара преиспитување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски, да го додели мандатот на Зоран Заев без обезбедено парламентарно мнозинство. Од најголемата опозициска партија уште еднаш обвинуваат, дека мандатот во моментов е заробен во рацете на Заев, иако тој нема обезбедено доволно пратеници за формирање Влада.

-Стево Пендаровски го узурпираше мандатот доделувајќи му го на еден пратеник, ист како и 119 други пратеници коишто се во Собранието, Зоран Заев којшто нема мнозинство, му го додели мандатот и практично го узурпираше се со цел да му даде повеќе време, дваесетина дена да купи време за да може на непринципиелен начин да се обиде да народски кажано „лови пратеници“  од останатите листи коишто партиципираат во Собранието со непринципелни методи, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. 

Во овие моменти се уште траат преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање Влада. Според неофицијалните информации до кои дојде Алфа, желбите на Интегративците се пораснати, па сега покрај премиерското место во првата година, ги бараат и ресорите МВР, Министерство за финансии, директорската позиција во УЈП, како и гувернерското столче во Народната Банка.

Во гостување во „Што не е јасно“ на Алфа, генералниот секретар на Алијансата за Албанците вели веќе бил постигнат договорот меѓу СДСМ и ДУИ.

-Мислам дека театар прават малку, оти и Заев доби гласови на тоа дека е против ДУИ, посебно албански гласови толку колку што доби. Тоа беа многу помалку од 2016-та година, иако беше заедно со Беса. Јас мислам дека ова сега е театар кој ќе трае уште неколку дена и после ќе излезат дека Владата ќе биде заедничка, изјави Таравари.

Од СДСМ преку соопштение велат дека продолжуваат преговорите со ДУИ, а на маса ќе биде ставена и темата поделба на ресорите, но не откриваат ништо повеќе. Се уште јавноста нема одговор на прашањето дали Заев ќе прифати Албанец премиер, а ниту самиот премиер не сака да одговори на ова прашање.

Во медиумите се појавија информации дека веќе и официјално е постигнат договор за ротирачки премиер меѓу СДСМ и ДУИ, меѓутоа оваа вест беше демантирана од генералниот секретар на социјалдемократите Љупчо Николовски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста