ВМРО-ДПМНЕ поднесува кривични пријави за власта поради пожарот во Кочани

Македонија се уште гори, за одговорност ниту крик. Со денови земјата зафатена со пламени јазици, граѓаните со сопствени ресурси во обид навремено да ги надвладеат, а на надлежните не им се слуша за оставки. Пожарите оставија пустош зад себе. Освен што изгоре шума од неколку стотици хектари низ целата земја, на која ќе и треба децении за да се замени, во Кочани оштетени се неколку куќи, а во Старо Нагоричане изгореа  викендици. За спречување на брзото ширење на пламените стихии часови, па дури и денови и тоа покажа дека надлежните неподготвени ја дочекаа сезоната на пожари, но никој не признава пропуст. Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов не планира да си поднесе оставка сега, оти како што рече направил и повеќе од што треба за да се справат со пожарите во источна Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривични пријави до власта поради ненавременото постапување за спречување на пожарот во Кочани. Според партијата пожарите во Кочанско биле показател за целата неодговорност на власта поради која, како што велат, под ризик биле доведени граѓаните и нивните домови.

Состојбата и оставањето на Кочани на милост и немилост пред пламените јазици покажа дека државата, системот, заштитата, кризниот менаџмент не само што потфрли, туку се покажа дека не постои.

Да потсетам на тоа во што убедуваа: Немало пари за канадерите, немало корпи за хеликоптерите, немало пари за нови ПП возила, немаше пари ниту за пожарникарите, ниту за нови противпожарни единици.

Состојбата покажа дека нема ниту протокол, дека нема ништо. Состојбата во Кочани покажа дека сиот систем за заштита е пеплосан од режимот на Зоран Заев – вели Столковски.


Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека хеликоптерите кои биле користени за превоз на министри низ Македонија можеле да бидат искористени за гаснењето на пожарите а авионите пак не биле функционални иако сервисот чинел 400 илјади евра.

Од владејачката партија пак убедени дека системот функционира. Сите надлежни институции, на централно и локално ниво биле активни во справувањето со пожарите – државата била тука за граѓаните, нивната безбедност и сигурност е на прво место нагласуваат од Социјал- демократскиот сојуз.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста