ВМРО –ДПМНЕ подготвува нова иницијатива за доверба на владата, Tалат Џафери вели – не може

Иницијативата за гласање на недоверба на актуелната влада која утре ќе се најде на собраниска седница ќе биде технички корегирана со помал број на потписници, вели пратеникот Антонио Милошоски. Согласно деловникот таквата опција е возможна за да се вметнат забелешките на сите потписници на истата.

-Иницијативата останува, а деловникот дозволува истата да биде технички корегирана. Ќе направиме техничка корекција, да даде простор на одредени пратеници да се пронајдат себе си со своите забелешки Иницијативата ќе биде технички корегирана и ќе остане во процедура, на истата ќе има помал број на потписи, а ќе има поголем број на гласови од 61 кои ќе гласаат за недоверба, изјави Милошоски 

Собранискиот спикер Талат Џафери молчи – дали ќе ја прифати измената на веќе поднесената иницијатива. Но во последната дадена изјава за ТВ 21 вели дека за него јасни биле роковите согласно деловник кои веќе течат, се до утрешната закажана седница по иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барањето за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба – вели Џафери.

Од Алтернатива на Африм Гаши се уште немаат конечен став по утрешната седница. Пратеникот Скендер Реџепи кој првично се повлече од неговата првична одлука, сега вели дека застанува позади новата корегирана иницијатива.

Доколку биде изгласана недоверба на Владата, тоа ќе значи дека во законодавниот дом ќе има ново парламентарно мнозинство. Според Деловникот и Уставот, шефот на парламентот го информира Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој потоа има рок од десет дена да му го додели мандатот на политичар од новото мнозинство што ќе го изберат од најмногубројната партија или нејзината коалиција, кои го иницирале гласањето на недовербата. Според Уставот, новиот мандатар ќе има рок од 20 дена по добивањето на мандатот на Собранието да му поднесе програма и предлог за составот на новата влада. По ваквата ситуација се отвораат две опции – да се состави нова влада што ќе функционира до 2024 година или да се создадат услови за распишување предвремени парламентарни избори во Македонија.

Ако биде изгласана недоверба на Владата, постои можност да се избере и нов мандатар, кој би оформил техничка влада во траење од 100 дена, до денот на одржување на предвремените парламентарни избори.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста