ВМРО-ДПМНЕ очекува обвинителството да реагира, за СДСМ вината за Рекет е во опозицијата

Зборовите на Бојан Јовановски “ парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, одекнаа во јавноста како ехо на кое политичките партии не останаа неми.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека главата на криминалниот октопод бил токму Зоран Заев, а Јовановски бил само директен извршител во случајот Рекет. Очекуваат уште денеска Јавното обвинителство да го повика екс премиерот и да отвори истрага.

ЈО на Русковска премолче и не отвори истрага против Заеви кога Боки 13 од суд кажа дека добил порака од Заев лично на 16 април да се видат и да се соочат со доказите. Тоа се 5 дена пред Зоран Заев како што самиот кажа подоцна откако имаше притисок од целата јавноста во Република Македонија го пријави Рекет случајот токму кај истата Русковска. Што криеше Заев и зошто не го пријавил случајот веднаш?! Менаџирал со докази, прикривал, уништувал или пак изменувал?! – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката пак партија со чудна изјава. Прстот пак го вперуваат во ВМРО ДПМНЕ, иако Боки 13 го кажа името на нивниот партиски шеф.

Oд Левица пак велат дека индикативното во оваа крими-сапуница било тоа што пресудата била темпирана намерно пред избори. Посочија дека евидентно е дека во заробена држава и хибриден режим – судството и обвинителството се продолжена рака на извршната власт, со што се руши уставното начело на поделба на власта.

Да бевме правна држава, после ваквиот исказ на првообвинетиот во кој директно посочува конкретни имиња и презимиња, поранешниот премиер уште истиот ден ќе беше повикан во ОЈО за организиран криминал и корупција, барем на сослушување, велат од Левица.

И за ДУИ допрва е неопходна разрешница.

Скандалот на лакомост мора да се разјасни до крај за да не остане ништо не доречено,неоткриено и нејасно, истакнаа од ДУИ.

На слична линија е и партијата на Гаши.

Им порачуваме на обвинителството да не биде селективно и да нема недопирливи во вакви и слични случаи, туку сите наводи темелно да се истражат и доколку постои сомнеж и да се покренат соодветни постапки, кажаа од Алтернатива.

Од Алијасната на албанците велат дека ја подржуваат секоја пресуда која има за цел да донесе правда, меѓутоа порачуваат да нема селективна правда и секој да одговара за стореното.

Ќе го повика ли Јавното обвинителство Заев на разговор, до овие вести нема одговор.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста