ВМРО – ДПМНЕ објави скандал во Град скопје- директорот на Водовод и Шилегов местеле тендер за фирма блиска на СДСМ

Реконструкција на водоводна мрежа вршела фирма која не добила тендер од Јавното претпријатие Водовод и канализација – опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави скандал за кој тврдат дека е уште еден доказ, како во земјава тендерите ги добиваат фирми блиски до владејачката СДСМ.

Од партијата прашуваат – како е можно, откако ќе заврши одреден проект, да биде издаден тендер и да биде потпишан договор меѓу јавното претпријатие и фирмата изведувач. Тие појаснуваат дека на еден ден пред изборите – на 14 јули 2020 година, започната била реконструкција на водоводната мрежа на улица „Варшавска“ од страна на фирмата КБК Инжинеринг – истата фирма склучува договор со ЈП Водовод и канализација, месеци подоцна – дури на 9 октомври.

„Фирмата КБК Инженеринг оди на улица „Варшавска“ во јули, реконструира водоводна мрежа, надвор од закон, надвор од процедури, надвор од се останато што пропишуваат законите, ја завршува работата и дури после месец и пол се носи избор за најповолен понудувач токму фирмата КБК Инженеринг, и се потпишува договор за работа, дури откако целата реконструкција е завршена. Согласно договорот, вредноста на реконструкцијата според е 18.041.646 денари или приближно 300.000 евра со ДДВ. Значи, директорот на Водовод, Весковски однапред имал смислено заедно со Шилегов која фирма ќе ја добие работата, најверојатно во претходен договор со нив и свесно, на нивна совест, прават криминално дело или правно толкувано несовесно работење во служба“ изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

ЈП Водовод и канализација секоја година случува рамковна спогодба со фирми кои ќе вршат реконструкции, доградби, замени на водоводни мрежи. Според тврдењата на ВМРО ДПМНЕ минатата година претпријатието склучило таква спогодба со пет фирми. Праксата предвидува кога ќе биде потребна некаква интервенција на водоводна мрежа на територија на Скопје, да се распише тендер и да се одбере најповолен понудувач меѓу петте фирми, што не било случај со реконструкцијата кај улица „Варшавска“, бидејќи тендерот бил распишан откако завршиле активностите.

Од ЈП Водовод и канализација пак тврдат дека постапката била спроведена согласно законските прописи.

Врз основа на усвоена инвестициона програма и годишен план за работа, спроведена е постапка за јавна набавка, по што е склучена рамковна спогодба за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа По добиеното одобрение  за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач – информираше директорот на ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски.

Од претпријатието бараат јавно извинување, а во спротивно ќе поведеле соодветна судска постапка за тврдењата на опозицијата кои ги категоризираат како клевети.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста