ВМРО-ДПМНЕ ја бара главата на рибата, МВР ја фати опашката – издавањето пасоши „ја здрма“ полицијата

Десетина полициски службеници кои главно работат на издавање на нови пасоши, проверка на документи и сликање се уапсени во акцијата на МВР  во врска со аферата за издавање на пасоши на познати криминалци и нарко босови од регионот.Откако ВМРО-ДПМНЕ ја објави скандалозната афера што ја крсти „Мафија“ полицијата презема акција за која тврди дека ја подготвувала цела година но на крајот се сведе на апсењето на ситни риби.

Првиот човек на опозицијата Христијан Мицковски и денеска прстот го впери во МВР, вели дека акцијата во која се апсат десетина вработени во полицијата е доказ дека власта станала гнездо на мафијата.

-Аферата „Мафија“ потврдува дека Владата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко – босови. Барани поради организиран криминал, наркотици, убиства, насилство, државата станала услужен центар и логистика на сериозни криминални милјеа овозможувајќи заштита. Свиркач достави информации дека постои организирана мрежа за изработка и издавање на патни исправи, пасоши кои се давале на високи мафијашки структури и тоа директно во министерството за внатрешни работи. Најскапото се добивало најевтино. Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени и издадени од министерството за внатрешни работи и полициски структури но со украден идентитет, вели Мицковски.

МВР пак ја обвини опозицијата за саботажа на акцијата која велат ја спроведувале година наназад. Сепак Мицкоски е дециден дека шемата која ја дозволило министерството за внатрешни е шамар за правната држава и тесната врска на македонската власт и криминалните структури.

-Ако ја спроведувале во последните година дена тогаш требало да ја спроведат, дај Боже стално вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Бидејќи на нив им било така кажано од други структури, затоа што немојте да ме убедувате дека тој службеник знае кој е Јован Вукотиќ или уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или пак Седат Пекер, а уште помалку знае кој е Џадин Адемовски и уште такви стотици лица, потенцираше Мицкоски.

Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ  биле издадени стотици вакви документи, а биле посакувани од сериозни криминални структурии кои под туѓо име ги спроведувале своите бизниси.

Информациите за аферата до опозицијата доаѓале од свиркачи, а Мицкоски најавува дека деновиве истите ќе завршат во Обвинителството.И јавната обвинителка Вилма Русковска во изјава вели дека ќе даде шанса МВР како надлежна институција да поведе постапка за лажните идентитети издадени на шефови и членови на нарко картели од регионот.  

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста