ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ некаде до средината на јули ќе ги објават првите 20 до 30 имиња на кандидати за градоначалници

Иако законски е наведено дека за претстојните локални избори, апарати за отпечаток од прст мора да има, сепак, на три и пол месеци пред нивното одржување, се уште е актуелно прашањето дали навистина ќе се имплементира законското решение. Генералниот секретар на СДСМ, Николовски на брифинг со одредени медиуми, на кој Алфа не беше повикана, истакнал дека не е оптимист околу комплетното завршување на процедурите за набавка на ,,фингер принтовите“ и за обука на избирачките одбори, за да може оваа законска обврска да се примени во претстојниот изборен циклус.

Од државната изборна комисија за разлика од Николовски се оптимисти, велат дека се надеваат дека целата операција за да се обезбедат фингер принтови ќе помине во најдобар ред, бидејќи  постапката е во тек, но сепак нагласуваат дека не е се во нивни раце.

Постапката за јавна набавка за гласање со отпечаток на прст е во тек. Минатата недела имавме известување за целокупната јавност дека ќе биде отворање на понудите вчера, како и што се случи. Се пријавија четири компании и постапката продолжува да тече – значи сега се другите дејствија што се предвидени во Законот за јавни набавки до конечното завршување, што ќе оде по истекувањето сите рокови предвидени по Законот за јавни набавки-рече Александар Даштевски – државна изборна комисија.

Апаратите за отпечатоци од прст беа едно од главните барања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За изјавата на Николовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека овие апарати се веќе дел од закон.

Тоа е законска обврска. Ако е точно тоа што сега вие го прашувате, јас сега прв пат ова го слушам, тоа значи дека тој кј треба да го почитува законот, свесно најавува негово кршење. Добро е да му го поставите прашањето на Николовски Љупчо дали е тоа така. Ако е точно, тогаш да видиме што знае тој, што ние не знаеме. Ако знае нешто што ние не знаеме, тогаш треба тоа да го соопшти на македонската јавност. Колку што знам, во законот за избори, тоа е законска обврска, вели Мицкоски.

Иако постапката за фингер принтовите е во тек, како што нагласи ДИК, сепак и таа не помина без проблеми. Пред еден месец извори за Алфа брифираа дека процесот за спроведување на тендерската постапка за набавка на фингерпринт апарати за локалните избори почнала од почеток, бидејќи имало недоследностите во терминологијата која ја употребувале  во ДИК. Наместо биометриска идентификација на гласачите, оперирале со термин – електронска идентификација на лица. Ова според виосоки извори во ДИК можело да доведе до нарушување на изборниот процес.

Локалните избори, на кои треба има апарати за отпечаток од прст,се договорени за во октомври, но конкретен датум се уште нема. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија, дека во претстојниот период ќе објават дел од имињата на нивните кандидати. И од СДСМ посочија, дека веќе се знаат дел од имињата и ќе ги соопштат на 13 јули. Велат и дека до 15 јули, ќе „паднел“договор со коалициските партнери ДУИ, ДПА и БЕСА, за заеднички настап за градот Скопје како и за тоа каде СДСМ би поддржал кандидати за градоначалници во прв односно во втор круг.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста