ВМРО-ДПМНЕ го поднесе предлогот за укинување на техничка влада

ВМРО ДПМНЕ до Собранието поднесе иницијатива за укинување на техничката влада и инсистираат на брзи предвремени парламентарни избори.. Според нив, единствен излез, од оваа како што велат, катастрофална состојба е во скоро време да има избори, без 100 дена техничка влада како што тоа го предвидува Пржинскиот договор.

Денес на редовната понеделничка координација кај Претседателот на Собранието, ги понудивме овие измени на Законот за поддршка и потпис и до парламентарното мнозинство, но тие не се изјаснија по ова прашање. Очигледно тие сеуште немаат став и желба за надминување на оваа катастрофална состојба во која што се наоѓа Република Македонија. Очигледно, тие се плашат од гласот на народот и се плашат од брзи и предвремени парламентарни избори со кои што граѓаните ќе добијат народна, ефикасна и посветена Влада насочена исклучиво кон решавање на секојдневните проблеми на граѓаните – истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Од владејачката СДСМ пак убедени се дека во моментов не се потребни избори туку, како што велат, одговорно работење за надминување на енергетската, економската и здравствената криза. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ, го толкуваат како несериозна иницијатива и непочитување на државата.

Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ соочени со секојдневниот неуспех на нивните градоначалници кои што многу ветија, а малку испорачуваат во првите 100 дена брзаат на било каков начин да има предвремени парламентарни избори, знаејќи дека доколку тие бидат редовни, како што ќе бидат во 2024 година, неспособноста на нивните кадри на кои народот им даде шанса да ги види и да раководат ќе се покаже, истакна потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Утрински брифинг“.

Прелог Законот кој ВМРО-ДПМНЕ го достави до Собранието е поднесен по брза постапка и очекуваат дека ќе биде ставен на дневен ред на собраниската седница во среда.

Правилото за техничка влада пред избори е дел од Пржинскиот договор но и барање на СДСМ кога партијата беше во опозиција. Сега владејачката СДСМ, тешко би се согласила на предвремени избори ако се земат предвид резултатите од анкетите за рејтингот на партиите. Последна во низата, анкетата на Институтот за политички истражувања покажа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 22.5% од граѓаните, а за СДСМ 17.9%.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста