ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на пржинска влада – Џафери чека превод на албански

Предлог Законот за укинување на техничката влада пред избори, која ја предвидува Пржинскиот договор, поднесен од стрна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сепак не се најде на дневен ред на денешната собраниска седница како што се надеваше опозицијата. Спикерот Талат Џафери се правда дека предлог законот во моментов бил на превод, опозициската партија критикува – малите измени кои ги бараат за скратување на роковите за организирање на избори, може да се направат многу брзо.

  • Врз основа на член 71, став 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 132, 137 и 170, барам оваа точка да биде дополнета од една и единствена причина. Имено, со предлогот за изменување на законот за Владата на Република Македонија се тргаат одредбите кои се однесуваат на начинот на функционирање на владата, или т.н. Пржинска влада. Сметаме дека оваа одредба и она што излезе од заедничките разговори на лидерската средба помеѓу претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и она што се изјасни СДСМ дека Пржинската влада е нефункционална, а и од она што го имаме разговарано со другите политички субјекти, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го поднесуваме овој предлог-закон од една и единствена причина да се скратат, односно да се вратат роковите за организација на избори, рокот да остане како што беше, рече Мицевски.

Првиот човек на Собранието Талат Џафери образложи дека предлог-законот е доставен но не е дистрибуиран до пратениците. Прво на превод а дури потоа пред пратениците.. Потсети на законските рокови и процедури и рече дека сега нема предуслови да се стави на гласање. Според него, и ДИК треба да се изјасни за рокот за спроведување на изборите.

  • Мислам дека многу брзо ќе биде преведен. Затоа денеска нема предуслови за да се стави на гласање. Во догледно време сметам дека другите партии ќе се приклучат за да има консензус и предлогот да не биде предложен еднострано. Во координација ќе се разговара и другите координатори да се приклучат  на предлог законот. Што се однесува до роковите во Уставот не постои рок од 45 дена за избори освен за избор на претседател на држава ако предвреме му се прекине мандатаот. Предвремени избори се оддржуваат во рок од 60 дена. Тоа е во надлежност на ДИК. Нема 45 дена рок за кој се манипулира јавноста. Без да има согласност од ДИК не може да се каже дека 45 дена е рок за избори – рече Џафери.

Најголемата опозициска партија подолго време инсистира на предвремени парламентарни избори посочувајќи на тоа дека само така може државата да се стабилизира од трите кризи во кои се наоѓа. Од владејачката СДСМ се уште не се изјасниле по ова барање на ВМРО-ДПМНЕ, но нивните претходни ставови се дека не е време за избори туку за посветено работење од страна на новоизбраната влада.

Инаку, правилото за техничка влада пред избори е дел од Пржинскиот договор но и барање на СДСМ кога партијата беше во опозиција. Сега ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на преодната влада пред парламентарни избори,  со што тие би се случиле побрзо.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста