ВМРО-ДПМНЕ бара политичка одговорност од СДСМ за аферата со дрогата

„Нарко картелот Заеви веќе неколку дена молчи и се обидува да го покрие случајот каде што со дрога од над 800.000 евра беа фатени блиски луѓе на Заеви и СДСМ, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот со заплена на 40те картонски кутии полни со марихуана ја разбранува јавноста, особено откако беше приведен возачот на братучедот на премиерот. Заев пак за случајот вели секој можел со секого да се дружи, но законот важел за сите.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак потенцираат дека немало криминалец во Македонија  кој  што не е вмешан во тежок криминал и корупција, а не е другар, пријател или близок на некој од семејството  Заеви или на некој од високото раководство на СДСМ.

Возачот на Трајче Заев и командирот на ПС Прилеп се уапсени за дрога, за огромно количество на дрога  а Зоран Заев вели дека можеле да се дружат колку сакаат со неговите братучеди, но ќе одговарале. Ќе одговараат затоа што не зависи од Зоран Заев не зависи од Заеви бидејќи да зависеше од нив тие сеуште ќе возеа комбиња полни со дрога низ Република Македонија -рече Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Братучедот на премиерот, Трајче Заев се самоамнестира од скандалот со запленетата дрога на Плетвар вредна без малку милион евра, па преку демант од Обединетите Арапски Емирати тврди дека никој од вработените во компаниите на Заеви не бил уапсен во оваа акција. Тој е на емиратите повеќе од 20тина дена, не беше пристутен кога беше спроведена акцијата каде за дрога “падна” неговиот шофер.

Сепак дел од аналитичарите велат дека тоа што Трајче Заев не е  во Македонија е симптоматично.

Знаете како, ако сакам да ја прикријам одговорноста од себе или да ја симнам јас сум надвор или сум во подрум. Со оглед дека се случува настан, кој настан по било кој основ има врска со мене…вели Љубомир Ѓурчевски – поранешен началник во МВР

Министерството за внатрешни работи веќе има отворено истрага,но не откриваат ништо повеќе освен иницијалите на шестмината приведени во случајот “Maрихуана”.

Но јасно е дека меѓу нив се двајца блиски на власта. Едниот, началник на полицијата во Прилеп, а вториот, кој директно ги компромитира Заеви, е возачот на Трајче Заев. Братучедот на премиерот демантира дека вработен во нивните фирми е меѓу уапсените, но дали станува збор за лицето кој го вози и кој не мора да биде вработен во некоја од нивните фирми, засега е нејасно.

Од она што го откри МВР при претрес во станови на лицето А.У. за кого се тврди дека е Александар Ушилковски, возач на Трајче Заев, во Скопје и Битола била пронајдена поголема количина на пари и оружје. На шестмина во овој случај им е определена мерка притвор. Марихуаната била спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога.

Mери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста