ВМРО-ДПМНЕ бара Јовевски да присуствува на работните средби за законот за јавно обвинителство

ВМРО-ДПМНЕ испорача две барања за одржување на  работните средби за  законот за јавно обвинителство. Првото –  да се одржи  јавна расправа на која присутни  ќе бидат експерти и познавачи на правото. Ова барање е веќе усвоено, ама виси второто – на  следната средба да биде присутен и државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, кој како што велат од опозицијата имал приговори за сегашниот предлог закон. Од ВМРО-ДПМНЕ имаат забелешки, но на маса ќе го стават кога обвинителот  ќе биде присутен.

Сепак од партијата нагласија дека сега има добра основа за приближување на ставовите за носење на законот.

„Сметаме дека сме во еден временски теснец. До 12 февруари нема премногу денови. Изнесените забелешки на Јовески и би рекол остри критики од декември во 2019 година се премногу силни за да може тој како државен јавен онбинител да биде заобиколен на вакви важни средби на кои сите сакаме да дадеме одредена забелешка, предлог или амандман за еден сеопфатен и прифатлив текст за Обвинителство. На другата страна и предочивме дека сите наши конструктивни, но критички препораки, забелешки и амандман сакаме да ги доставиме во присуство на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, како човек којшто досега изразил најсериозна критика за овој предлог закон“, изјави Милошоски по средбата.

Од власта пак велат дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за Јовевски да присуствува на средбите било само обид опозицијата да го одолговлечи процесот и да не ги дадат забелешките, бидејќи, како што вели министерката за правда Дескоска, во суштина забелешката им била само една, а тоа било прекинување на сите постапки поврзани со незаконското следење на комуникациите.

„Жал ми е што постапија така. Но, морам да кажам дека беше и очекувано такво однесување имајќи предвид дека тие едноставно не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став којшто е практично запирање на предметите од СЈО“, вели министерката.

Таа информира дека по заминувањето на претставниците од ВМРО-ДПМНЕ од средбата со преставниците од другите политички партии останале да разговараат за предлогот и биле на добар пат да изнајдат консензус за ова прашање. Дескоска вели дека  според неа СДСМ и ДУИ ќе го подржат предлог законот и дека продолжуваат да разговараат  со сите политички партии во Собранието и пратенички групи со цел обезбедување на двотретинско мнозинство.

За барањето на опозицијата државниот обвинител да присуствува на средбите, по средбата се огласи токму Јовевски кој смета дека не му е местото да учествува во политички разговори за Законот за ЈО.

Доколку се отвори стручна расправа по предлог Законот за јавното обвинителство, ако бидам повикан ќе учествувам во расправата и ќе го искажам своето стручно мислење изградено во текот на моето работење во судството и обвинителството. Во делот за политички разговори во постапката за донесување на Законот, на јавниот обвинител не му е местото да учествува во вакви расправи, вели Јовевски.

По серијата неуспешни обиди за договор меѓу власта и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по неодамнешната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да донесе закон за јавно обвинителство.

Мери Ѓорѓиевска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста