ВМРО ДПМНЕ бара да се почитува уставот – локалните избори да се одржат на 17 октомври

Првиот круг од изборите мора да се одржи најдоцна на 17 октомври, се друго е грубо кршење на уставот и може да го стави под знак прашалник целиот изборен процес. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара од сите политички партии да го почитуваат највисокиот правен акт во државата и да го одбијат барањето на Заев изборите да се одржат на последниот ден од октомври.

Локалните избори не се определуваат за желбата на било кој политичар било и тој да е премиерот, локалните избори се одржуваат во точно определн термин според Уставот и законот, а Уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври првиот круг. Се друго би било неуставно и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и советите на општините  – посочи пратеникот Милошоски.

Според него, доколку изборите се одржат дури на крајот од октомври ќе се создаде вакум, затоа што мандатот на градоначалниците и советите би бил веќе истечен, а не постои правен механизам тој законски да биде продолжен. Реакцијата на опозицијата следи откако Заев вчера најави дека првиот круг од локалните избори би бил дури на 31 октомври, затоа што според него, така би се избегнало предизборната кампања да се совпадне со пописот.

За актуелниот градоначалник на град Скопје Петре Шилегов, кој очигледно е веќе во кампања, датумот не е проблем.

Работа е на политичките партии да ги договорат термините за локалните избори и како и да е се ближат локалните избори. Што се однесува до скопјани, јас знам дека им е сосема сеедно дали изборите ќе бидат порано или на 31 октомври затоа што знам дека ќе го изберат континуитетот во дејствувањето и во функционирањето на градот“ изјави Петре Шилегов, актуелен градоначалник на град Скопје.

Сепак, конечната одлука за тоа кога ќе се одржат изборите е во рацете на Собранието, односно кај собранискиот спикер Талат Џафери кој најави дека во август и официјално ќе ги распише изборите.

Ања Василева