Властите да имаат слух за најдобрите решенија, бараат гинеколозите

Наместо специјалистите да работат како матични, можат дел од вкупно 150 гинеколози од примарното здравтсво два дена неделно да одат во градовите каде што има недостаток и да ја дадат неоходната здравствена заштита на пациентките. Ова е само еден од предлозите на Здружението на матични гинеколози за решавање на проблемот со недостатокот на лекари во одредени региони во државата.

-Ако треба да се покријат потребите од здравтсвена заштита на жените во Крушево, Демир Хисар, Пехчево, Македонски Брод, ние имаме доволно матични лекари кои работат во Прилеп, во Битола, во Штип. Тие еден ден, или пак два, во неделата, можат многу лесно да ги покријат потребите, вели Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози.

Според него, постои веројатност, министерот Филипче да не добил одлуки и согласности за најавените мерки, ниту од Лекарската комора, а ниту и од болниците што треба да позајмуваат специјалисти за да вршат секојдневни прегледи и контроли.

-Малку е чудно, да претпоставиме, дека болниците одлучиле, стручните колегиуми, дека можат да одговорат на предизвикот, но доколку нема вакви одлуки, предлогот на министерот е тешко спроведлив. За евентулното промашување на овој проект не ја барам вината кај министерот, туку кај неговите советници, вели Филиповски.

Според него, нејасно е зошто специјалистите да им помагаат на матичните, наместо тоа да биде обратно.

Пред неколку дена Филипче најави дека со печат од Фондот за здравствено осигурување ќе им се даде можност на специјалистите од болниците да бидат и матични гинеколози.

Од здуженијата апелираат, властите да имаат слух за оние кои дирекно преку практична работа се соочуваат со низа проблеми, да се информираат за најдобрите решенија, како и да ги анализираат барањата и предлозите за намалување на одливот на бели мантили од земјава, оти за разлика од сегашните, нивните би можеле да вродат со плод.

Сања Трајковска Ставров