Власта турка попис по секоја цена- високи парични казни ако одбиете да се евидентирате

Власта спреми казни за оние кои не сакаат да учествуваат во пописот. Од 200 до 300 евра ќе платите, доколку одбиете да се евидентирате. Ова е еден од членовите на спорниот предлог закон за попис, за кој не постои согласност меѓу политичките субјекти. Дел од граѓаните не веруваат дека власта сака да спроведе реална статистичка операција, сметаат дека целта на овој попис е политички инженеринг со бројките. Сепак, и оние кои веруваат и оние кои не веруваат во пописот ќе мора да учествуваат, доколку не сакаат да бидат удрени по џебот. Ова во гостување на Алфа, го потврди и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

-Пописот е задолжителна активност, пописот не е доброволна активност. Значи одбивањето да се учествува во пописот сноси санкции, и треба да знаат граѓаните дека тоа навистина ќе биде така. Наше е да обезбедиме сите услови да тоа лице се попише без никаков проблем, а друга работа е ако одбива. Значи и покрај сите тие заложби ако одбива, тогаш си сноси последици, бидејќи е ова задолжителна активност, изјави Симовски.

Од опозицијата пак најавуваат непризнавање на резултатите од пописот, доколку власта го истера на начин на кој предвидела. За таа се започнува и со иницијатива за собирање потписи од граѓаните, како овој закон би бил поништен. Ова уште еднаш го потврди и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

-ВМРО-ДПМНЕ започнува со процедура, акција на собирање потписи, со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, вака како што е планирано, како што се носи, како што е донесен. И закон кој што содржи индиции за политичка, а не статистичка операција, изјави Стоилковски.

Од СДСМ пак остануваат на ставот дека попис ќе има во април, и повторно удираат по опозицијата.

-ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси. Обезбедувањето на податоците, кои се нужно потребни за рамномерен и правилен економски развој е во интерес на државата и граѓаните и токму затоа оваа операција е патриотски чин, велат од СДСМ.

Инаку, собраниската расправа за овој предлог закон заврши вчера, но не дојде до гласање, бидејќи во Собранието не беа присутни доволен број пратеници од власта. Најверојатно законот за попис ќе биде изгласан во понеделник.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста