Власта стравува од нов неуспех за преговорите пред 12 април

Дали евентуална нова блокада за старт на преговорите на Советот во март, наместо логично да се толкува како неуспех на Владата, СДСМ ќе ја сврти во своја полза водејќи ја предизборната кампања со ветување за нова шанса на Самитот во мај во Загреб? Ваква дилема фрла последната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој вели не сакал да се врзува со рокови оти еднаш веќе се изгорел во прогнозите.

“Јас би бил внимателен на ова прашање, не би сакал да предизвикам никакво разочарување. На нас ни е најавено дека ќе се одлучува во мај месец на загребскиот Самит и не би давал дополнителни нереални очекувања за март“, вели Заев.

Вицепремиерот Бујар Османи вчера се обиде да го притисне Европскиот Совет да донесе одлука за старт на преговорите со Македонија пред изборите во април, оти во спротивно како што рече, Брисел ќе извршел директно мешање во изборите. Зеленото светло од Унијата, според Османи, би било признание за досега сработеното од страна на Владата.

Македонија за датум извиси во октомври, кога Владата беше најсигурна оти Унијата ќе ги отвори преговорите со земјава. Тогаш, францускиот претседател Емануел Макрон остана на својот цврст непопустлив став и како најгласен противник на проширувањето, ги блокираше Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија со изговор оти прво требало да се реформира процесот на проширување.

Заев неколку пати се „излизга“ во прогнозите за датумот. Тој во јуни 2018-тата сподели фотографија од владиниот авион, со натпис: „Примив одлична вест…Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!“ Тогаш убедуваше оти преговорите ќе почнеле во јуни 2019-тата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста