Власта со нов предлог за Закон за обвинителство, опозицијата реагира, се вдомуваат соработниците на Катица Јанева

Власта предложи четврта верзија на Законот за јавно обвинителство, а опозицијата и овој пат гледа скриени намери за вдомување на обвинителите на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ е против идејата на СДСМ колегите на Катица Јанева да бидат под капата на Вилма Русковска. Според Антонио Милошоски екстремно високите хонорари и надоместоци не им даваат кредибилитет за нова позиција во обвинителскиот систем.
“Законот за јавнообвинителска служба и законот за плати на јавните обвинители е прилично јасен, не може ниеден обвинител без разлика каде бил ангажиран да добие повеќе од 35 отсто надомест од неговата основна плата, а видовме дека сите обвинители кои работеле во СЈО добивале по астрономски суми, околу, 70, 80 или 100 илјади евра и за таков прекршок треба да се поведе во најмала рака дисциплинска постапка”, изјави пратеникот Антонио Милошоски.

Од СДСМ потврдуваат дека во новиот предлог нема суштински разлики, но сепак се надеваат дека е можен компромис.

“Доставен е нов изготвен предлог на закон за јавно обвинителство до најголемата опозициска партија за да го разгледаат и да дадат свое мислење и да се донесе закон. Искрено се надевам дека ова ново понудено законско решение ќе биде прифатливо за да седнеме и онака како што налага Деловникот, нис конструктивна собраниска расправа да донесеме закон, консензуално, бидејќи ваков закон може да биде добар само ако биде донесен со консензус”, информира Снежана Калевска – Ванчева.

Иницијативата на СДСМ доаѓа еден месец пред распуштањето на парламентот и три месеци пред изборите. Премногу е кус рокот кој му останува на овој собраниски состав на располагање за еден од приоритетите кој го налага и Европската Комисија за добивбање датум за преговори. И еврокомесарот Вархеји при неодамнешната посета изјави дека се надева на позитивна одлука за Македонија на самитот во Мај, но дека Законот за јавно обвинителство треба да биде највисоко на агендата. Истото го порача и францускиуот амбасадор Тимоние.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста