Власта се подготвува за попис, опозицијата почнува со собирање потписи за укинување на Законот

Власта се подготвува за попис во април,а опозицијата од утре ја почнува постапката за негово одложување. Формалното собирање потписи од граѓаните ќе почне следниот месец. Прво треба да се соберат 100 потписи во подрачните единици на ДИК, тие да ги поминат собраниските филтри ид да биде известен спикерот Џафери. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека попис во услови на пандемија е ризик за здравјето на граѓаните. Потсети дека повеќе држави го одложиле пребројувањето. Повика власта ако инсистира сепак да спроведе електронски попис. Комбинираниот метод според Мицкоски не е решение бидејќи во тој случај попишувачите повторно ќе треба да тропнат на вратата на граѓаните.

“Хрватска го одложи пописот соседна Бугарија го одложи пописот, Србија го одложи пописот, Сојузна Република Германија го одложи пописот, Романија бидејќи на нив животите на граѓаните им се мили за разлика од нашата влада животите на граѓаните не им се мили, тие се луѓе кои што се подготвени и врз живи луѓе да газат само да дојдат до својата цел а тоа е како да го пљачкаат сопствениот народ. Ние како ВМРО–ДПМНЕ апелираме и јас како човек како граѓанин во оваа држава апелирам да не го прават тоа затоа што нема ништо поскапоцено од животот на еден човек. Ништо нема да смени ако ние го одложиме пописот за некој месец плус или минус. Дали бил комбиниран или дали бил само теренски, свесно го туркаат народот во едно апокалиптично сценарио”, вели Мицкоски.

Социјалдемократите пак сметаат дека со комбиниран модел ќе се добијат релевантни податоци. Електронски попис не бил доволен да се добијат потребните податоци според Евростат.

“ВМРО-ДПМНЕ, партијата што денеска бара да спроведеме само електронски попис, во 2019 година силно се противеше кога се носеше воведуваше Централниот регистар на населението. Тогаш аргументите им беа дека тоа ќе било замена за попис, дека преку него ќе се спроведувал електронски попис, а денес токму оваа партија бара само електронски попис”, изјави Дарко Каевски од СДСМ.

Владата пак верува дека пописот ќе помогнел да се спречи иселувањето. Ќе се попишат нашите граѓани и нивните домаќинства во странство. Ова ќе даде приказ на миграциските движења, како основа за стратегии и политики за успешно запирање на овој процес, се вели во владиното соопштение.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста