Власта се испофали, фирмите извисија – Законот за државна помош излезе во Службен весник, но фирмите не можат да аплицираат

Власта се испофали, фирмите извисија. Законот за државна помош излезе во Службен весник, но фирмите ниту денеска не можат да конкурираат за добивање на помошта за плати. Стопанствениците се жалат дека пречката за компаниите да конкурираат и натаму не била отстранета.

  • Иако Законот за исплата на плата излезе во Службен весник, ние и натаму не можеме да аплицираме за државна помош. Причината за ова лежи во слабата координација меѓу државните институции. Сметководителите апелираат јасно да се дефинираат условите за добивање на финансиска помош. Рокот мора да се продолжи зашто вака се е бадијала, вели за Алфа Александра Андреева, од Комората на сметководители на Македонија.

Документот преку УЈП е клучен за добивање на државната помош. Од таму велат дека проблемот бил бирократски, и биле подготвени за прием на барањата за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците

  • Веднаш по објавата во Службен весник на РСМ на Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците и Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците, Управата за јавни приходи ќе ги постави обрасците БФП-ИП/2 и БФС-СВД/2 и истите ќе бидат достапни за аплицирање на финансиска поддршка, велат од УЈП.

Инаку, рокот за државна помош е до денеска. Зошто се доцни со процедурите, прашавме и во министерството за финансии. Од таму во телефонски разговор за Алфа, кусо ни одговорија дека се правело напор, рокот да биде пролонгиран до петок.

Ова дополнително ја комплицира и онака сложената ситуација околу исплатата на платите на работниците, зашто веќе е речиси половина ноември, а парите се за октомври. Надлежните побараа од газдите на фирмите да исплатат плати од сопствен џеб, а потоа ќе им се рефундирале средствата. Но прашањето е дали тие ги имаат, зашто ситуацијата е и повеќе од лоша.  

Инаку, државната помош варира – од 14.500 до максимум 21.776 денари по работник. Каква е состојбата, зборува податокот дека без плати, или со нередовни примања се над 100.000 работници. Мерката за помош за плати е дел од антикризниот пакет кој помина во собранието. За оваа намена се издвоени 70 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста