Власта се фали, синдикалците критикуваат – кој ќарува од новите мерки?

Зошто платите не се даваат директно на работниците , туку на газдите? Дали еден од условите за добивање на поддршка ќе биде фирмата да немала висока добивка во претходната година? – многу дилеми во јавноста откако премиерот вчера го претстави 4-тиот пакет антикризни мерки „тежок’ речиси половина милијарда евра. Дел од аналитичарите стравуваат дека парите повторно би можеле да завршат во џебовите на газдите, а не на вработените и дека помош ќе добијат само големи фирми, обложувалници, казина и странски фирми во зоните. Поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ прашува зошто на најзагрозените им се даваат само 6% од вкупната помош и тоа еднократно преку платежни картички, наместо да се вклучат во постојниот систем на социјална заштита?

„Зошто во пакетот нема мерка за купување таблети за учениците кои немаат услови за онлајн настава, кога за тоа би биле потребни околу 5 милиони евра, односно, 1% од целиот пакет? Зошто нема мерка за поддршка за онлајн продажба и онлајн работење на самовработените и малите фирми? Колкава буџетска дупка ќе се направи со сите најавени даночни намалувања и како таа ќе се покрива?“ – пишува Јовановиќ на Фејсбук.

Синдикатите ги оценија мерките како генерално добри, но сепак негодуваат бидејќи нивното барање помошта за плати да легне директно на сметките на работниците не беше прифатено. Сметаат дека многу мерки за поддршка што ги барале не биле дел од програмата како одложување на кредитни обврски, пролонгирање на обврските кон извршителите и други.

Мерките вклучуваат и даночни олеснувања, намалување на ДДВ за одредени производи и услуги, „Викенд без ДДВ“ кој ќе стартува на 10-ти октомври, грантови за туристичките агенции, евтини кредити преку Развојната банка, платежни картички од 6.000 денари за 280 илјади граѓани, помош за исплата на плати на 250 илјади луѓе. Дел од нив ќе стартуваат подоцна бидејќи пратениците ќе треба да изгласаат законски измени. Третина од парите се обезбедени од буџетот, остатокот од неискористеното задолжување, но Владата веќе најави и дека повторно ќе се задолжува.

Тања Попова