Власта се фали, експертите критикуваат – на добар буџет не му требаат 900 милиони евра

Парите од Меѓународниот монетарен фонд во висина од 900 милиони евра никако не можат да се искористат за помош на граѓаните и стопанството. Ако некој однапред се израдувал дека финансиите ќе се потрошат за нов пакет помош или раст на плати и пензии, нема причина за тоа. Економистите велат – не се работи за редовен аранжман, туку за посебна линија за ликвидност и претпазливост. Парите можеле да се искористат единствено за крпење на дупките во буџетот и плаќање на достасани обврски. Освен тоа, самиот фонд немало да дозволи ненаменско трошење и ќе спроведе ригорозни контроли. Економистот Абил Бауш не верува дека парите би се повлекле во целост.

Според Бауш, јавниот долг од над 60% од БДП, е се потешко да се сервисира во ваква ситуација. Јавниот долг, за него,  е загрижувачки затоа што парите се трошат за преживување и тековни потреби, а не за капитални инвестиции, односно проекти кои носат бенефит и додадена вредност во економијата. Не исклучува дека може да се посегне по непопуларен потег како зголемување на даноците.

За премиерот Ковачевски тоа што ММФ ќе даде пари било доказ за добрата кондиција на економијата. Вкупните потреби за финансирање ќе се знаат дури по 3-ти мај кога ќе заврши посетата на ММФ и ќе се знаат контурите на прекроениот буџет.

Министерот Бесими најави дека ќе се издава еврообврзница од околу 600 милиони евра, пред да информира дека ќе се повлекуваат 900 милиони од ММФ. Освен тоа, Бесими, и самиот економист, спротивно на аналитичарите уверува дека парите ќе биле наменети за поддршка на бизнисот и граѓаните. Не се знае ниту дали Владата сега планира да се откаже од издавање еврообврзница. Дефицитот со сигурност „ќе скокне“ на 6% од БДП.

Тања Попова

Advertisements